Дваесет години од демонстрациите на 5 октомври во Белград и падот на Милошевиќ

41

Денеска се навршуваат 20 години од големите демонстрации во Белград на 5 октомври 2000 година, со кои заврши владеењето на Слободан Милошевиќ, но официјалното одбележување на годишнината не е најавено ниту од политичките партии кои учествуваа во организацијата на демонстрациите.

Демонстрациите во Белград избија откако Милошевиќ одби да ги признае резултатите од изборите за претседател на СР Југославија. На изборите на 24 септември 2000 година, Милошевиќ загуби од кандидатот за ДОС и лидер на Демократската партија на Србија (ДСС) Воислав Коштуница.

На 5 октомври демонстрантите пристигнаа на платото пред тогашното Сојузно собрание, а денеска Народно собрание, од цела Србија, во колони од автомобили, автобуси и камиони долги десетици километри, со булдожери пробивајќи ги полициските блокади.

Веќе претпладнето, полицијата употреби солзавец за да ги спречи демонстрантите да влезат во Собранието, но безуспешно. Зградата на собранието беше демолирана и запалена, како и зградата на РТС.

Полицијата наскоро престана да се спротивставува и им се придружи на граѓаните.

Вечерта на 5 октомври 2000 година, новиот претседател на СРЈ, Воислав Коштуница им се обрати на граѓаните од терасата на Собранието на град Белград, а следниот ден, на 6 октомври, Милошевиќ го призна изборниот пораз и му честиташе на Коштуница.

Во демонстрациите едно лице го загуби животот, а друго почина од срцев удар, додека 65 лица беа повредени.

Тогашните учесници во владеењето на Слободан Милошевиќ денеска повторно ги заземаат најважните позиции во Србија.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во тоа време беше министер за информации, тогашната вицепремиерка Маја Гојковиќ е доскорашен претседател на српскиот Парламент, поранешниот истакнат член на ЈУЛ Александар Вулин е министер за одбрана, додека портпаролот на СПС Ивица Дачиќ денес е министер за надворешни работи.

Воислав Коштуница, кој беше избран за претседател на СРЈ како кандидат на ДОС, се повлече од политиката, а премиерот Зоран Ѓинѓиќ беше убиен на 12 март 2003 година пред зградата на српската Влада.

Слободан Милошевиќ почина во 2006 година во затворот во Хаг, а неговата сопруга и поранешна претседателка на ЈУЛ, Мирјана Марковиќ почина на 14 април 2019 година во Русија и е погребана покрај нејзиниот сопруг во Пожаревац.