Дваесетгодишнина од смртта на трагично загинатиот претседател Трајковски – неговите пораки сè уште актуелни

 – Мојата визија е да создадеме општество засновано на демократија, владеење на правото и слободна пазарна економија и, конечно, да создадеме општество засновано на доверба. Ние го правиме тоа, но не е доволно само да се зборува за демократијата, а истовремено да се дозволува цветање на криминалот и на корупцијата – зборуваше прерано починатиот македонски претседател, Борис Трајковски. Две децении од кобниот 26 февруари 2004 година, оваа негова визија само потсетува дека сè уште е нереализирана и актуелна. Секоја година се потсетуваме дека светото тројство што го водеше човекот кој го потврди својот политички и државнички габарит во најтешката 2001 година, беше мир, дијалог и заедништво

93

„Не е доволно само да се зборува за демократијата, а истовремено да цветаат криминалот и корупцијата“

 

– Ние мора да создадеме општество засновано од индивидуалци, не од колективни групи и граѓани, не од етнички групи. Мојата визија е да создадеме општество засновано на демократија, владеење на правото и слободна пазарна економија и, конечно, да создадеме општество засновано на доверба. Ние го правиме тоа, но не е доволно само да се зборува за демократијата, а истовремено да се дозволува цветање на криминалот и на корупцијата – зборуваше прерано починатиот македонски претседател, Борис Трајковски.

Две децении од кобниот 26 февруари 2004 година, оваа негова визија само потсетува дека сè уште е нереализирана и актуелна. Секоја година се потсетуваме дека светото тројство што го водеше човекот кој го потврди својот политички и државнички габарит во најтешката 2001 година, беше мир, дијалог и заедништво.

И годинава, кога се навршуваат 20 години од авионската несреќа во која животот го загубија поранешниот претседател Борис Трајковски, членовите на неговиот кабинет и екипажот на авионот, Македонија со достојна почит го одбележа денот на нивното загинување.

Цвеќиња на гробот на поранешниот претседател, Борис Трајковски, положија високи државни делегации, заедно неговата сопруга Вилма Трајковска и со членови на семејството. Имаше цвеќиња и беше оддадена почит и пред споменикот на Трајковски во Струмица. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, го посети спомен-обележјето во чест на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски во Ротимље, близу Мостар, каде што се случи несреќата. Во Ротимље присуствуваа и високи претставници од Босна и Херцеговина.

Од име на Владата, а во чест и спомен на поранешниот претседател, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, истакна:

– Oва спомен-обележје не е само паметник на трагичниот миг. Ова е потсетник за сите генерации дека Македонија имала и има доблесни и решителни луѓе, кои следејќи ја својата визија, својот сон, имаа храброст да гледаат во иднината. Денес, нашата земја е членка на НАТО и на дофат ѝ е членството во Европската Унија. Визијата на Трајковски ме остава во уверување дека и сега тој не би се двоумел што е најисправно да се направи, иако и самиот знаел дека луѓето со визија се осудени да бидат подоцна разбрани.

Под покровителство на Владата, за вечерва е закажан комеморативен концерт, под диригентската палка на Иван Еминовиќ, со дела од В. А. Моцарт, Р. Леонкавало, Џ. Верди и од Р. Аврамовски.

Во авионската несреќа, која се случи на 26 февруари 2004 година, загинаа претседателот Борис Трајковски и осумчлена делегација, кои патуваа на меѓународна конференција во Мостар. Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролката Димка Илкова-Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи – Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.

За причините за падот на владиниот „кингер“ со кој патуваше претседателот Трајковски беа извршени две истраги и беа објавени два извештаи, на две комисии со кои раководеа Салко Бегиќ и Омер Кулиќ, а во кои учествуваа и македонски експерти. И во двата извештаи како причина за падот на „кингерот“ се наведуваат пилотски грешки и други индиректни системски пропусти.