Дали жените ќе сакаат да се пензионираат на 57, а мажите на 59 години, ќе зависи од тоа колку ќе им се скрати пензијата

Владата не отстапува од понудениот модел предвременото пензионирање да биде со намалена пензија, а новата пензиска регулатива ќе понуди и можност за докуп на стаж, но само за вработени кои се до пет години пред пензија, а ги немаат потребните 15 години стаж. ССМ, пак, бара во пензија да се оди според стажот, а не според староста, додека предлог на КСС е мажите во пензија да одат на возраст од 59 до 61 година, а жените од 57 до 59 години

21235

Јавноста е во исчекување на измените на пензиската регулатива со кои ќе се укине актуелната опција работниот век да се продолжи до 67 години, а пензионирањето за жени ќе се ограничи на 62 и за мажи на 64 години, со можност со намалени примања во пензија да се замине до пет години порано.

Владата оваа законска измена ја најави како приоритет – да се донесе во првите 100 дена и да почне да се применува од 1 јануари наредната година.

Деталите допрва ќе се утврдуваат, но како што кажа премиерот Зоран Заев на средба со синдикалците не се отстапува од понудениот модел предвременото пензионирање да биде со намалена пензија. Исто така, ја расчисти и дилемата околу докуп на стаж. Како што рече, лицата кои се пет години пред пензионирање, а ги немаат потребните 15 години стаж, ќе можат да си обезбедат пензија со докуп на стаж.

Можноста за предвремено пензионирање, што ја предвиде Владата уште во својата програма, ја разбранува јавноста. Меѓу другото, се стравува дека ќе има голем наплив на пензионери, што ќе биде неиздржлив товар за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Пет години порано во пензија значи дека жените би можеле да се пензионираат на 57, а мажите на 59-годишна возраст. Бројките од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување покажуваат дека со пет години порано одење во пензија би можеле да бидат опфатени 52.000 лица и тоа 28.000 мажи и 23.000 се жени.

Но, кој од нив ќе сака предвремено да се пензионира под услов да прима помала пензија? Тоа ќе се дознае дури тогаш кога ќе се прецизираат деталите и ќе се открие колку ќе биде намалена пензијата. Прашање е дали вработените во трудово интензивните гранки како што се текстилната, градежништвото, преработувачката индустрија кои едвај чекаат да престанат да работат под условите што ќе им се понудат навистина ќе сакаат предвремена пензија. Најголемиот дел од нив се на минимална плата, што значи дека и онака би примале мала пензија.

Административците, пак, наместо порано, најчесто сакаат во пензија да одат подоцна. Според податоците од Министерството за информатичко општество и администрација 10.300 службеници се постари од 64 години, а се уште работат.

Во такви услови за очекување е дека напливот на нови пензионери нема да биде преголем, зашто само дел ќе се одлучат за предвремено пензионирање, но бројката секако ќе ја зголемат оние кои сметале на тоа дека ќе работат до 67 години.
Сојузот на синдикатите на Македонија, кој е една од консултираната страни за измената на пензиската регулатива не се согласува со намалена пензија при предвремено пензионирање.

– Жените да може да се пензионираат со 35 години стаж и мажите да одат во редовна пензија со 40 години, без разлика на нивната возраст. За нив да се обезбеди предвремена старосна пензија, бидејќи многу од нив не можат да дочекаат редовно да се пензионираат на 62, односно 64 години поради здравствени причини или претпријатието каде што работеле им отишло во стечај, вели Дарко Димовски, претседател на ССМ.

Конфедерацијата на слободни синдикати, пак, прифаќајќи предвремена пензија предложи старосната граница за пензионирање да биде од 59 до 61 година за мажи и од 57 до 59 години за жени.

(С.В.)