Градоначалници, лидери на партии, бивши министри, пратеници, шефови на кабинети… Кој сè се спрема за министерска фотелја во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, во која влегува коалицијата Вреди и Движење ЗНАМ. Иако сè уште не е официјално, сепак во јавноста веќе се споменуваат имиња кои влегуваат во извршната власт која се очекува да биде формирана по празникот Бајрам, а пред Задушница – на 19, најдоцна до 20 јуни.
Иако од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ сè уште не излегуваат со конкретни имиња, од Вреди речиси се знае точно кој на која позиција ќе биде. Дел од имињата на идните функционери од оваа коалиција ги соопштија и Изет Меџити од Вреди, но и неговиот коалициски партнер од Алијанса, Арбен Таравари.
Меџити потврди дека тој ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија, а дека градоначалникот на Општина Гостивар и лидер на АА Таравари ќе биде министер за здравство.
„Јас и Таравари најверојатно ќе бидеме во извршната власт. Јас ќе ја извршувам функцијата вицепремиер и министер за екологија, додека Таравари повторно ќе го води секторот за здравство. Касами повторно ќе се врати во Тетово, за да го заврши мандатот што успешно го започна. Други ресори ќе бидат кадар на Вреди. Можам да нагласам дека ќе има и вицепремиери, па јас ќе бидам прв, па во новата извршна власт ќе имаме двајца вицепремиери Албанци. Сериозен кандидат кој верувам дека ќе биде Арбен Фетаи. За евроинтеграција деновиве треба да одлучи Алтернатива. За економија и социјална политика ќе се одлучува во БЕСА“, рече Изет Меџити, претседател на Демократско движење.
Дека ја напушта градоначалничката позиција од Гостивар и се враќа во министерската фотелја во Здравство, вчера потврди и Таравари. Тој, таква можност имаше во 2017 година, кога Алијанса стана дел од коалициската влада на СДСМ , но неговата министерска кариера траеше само два месеца.
– Јас ќе бидам новиот министер за здравство, одлучив да продолжам онаму каде што застанав. Се уште размислуваме кој ќе биде новиот министер за економија, изјави Таравари.
Тој потврди дека Изет Меџити ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија, а вицепремиерското место за добро владеење ќе биде неговиот шеф на кабинет Арбен Фетаи. Социјална политика ќе му виде доверена на Фатмир Лимани, кој во минатото беше заменик-директор на ЕЛЕМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ се очекува дека клучни позиции ќе заземат потпретседателите на партијата. Се шпекулира актуелниот градоначалник на Аеродром, Тимчо Муцунски ќе биде шеф на дипломатијата, министер за транспорт и врски Владо Мисајловски, на челната позиција во МВР, Александар Николоски, Гордана Димитриеска Кочоска се споменува дека ќе раководи со државниот буџет во министерството за финансии, Весна Јаневска, министерка за образование, Стефан Андоновски во министерството за дигитализација… Најтаинствени се од ЗНАМ од каде сè уште нема официјално кој ќе раководи со Правда и со Администрација, двете министерства каде што се очекуваат коренити промени.
Минатата недела претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го доби мандатот за формирање на влада. Викендов со 88 гласа „за“, на собраниска седница поминаа измените на Законот за реорганизација на државната управа. Поддршка дадоа и пратениците на Европскиот фронт, откако бил постигнат договор во за формирање ад-хок комисија која ќе ја следи правичната застапеност на сите етнички заедници во органите на државната управа.
Мицкоски по добивањето на мандатот од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова најави дека набргу ќе биде составена новата влада и оти тоа ќе се случи пред законскиот рок. Главна цел на владата најави дека ќе бидат реформите, со цел придвижување на работите во економијата, силен инвестициски циклус, подобрување на состојбите во здравството, образованието, земјоделството…