„Гласна тишина” – самостојна изложба на Мартина Спасовска во МКЦ

120

Вечерва (5 декември), во 20 часот во Младинскиот културен центар – Скопје ќе биде отворена изложбата „Гласна тишина” (Loud Silence) на Мартина Спасовска.

„Мартина Спасовска во нејзините дела почетно го претставува сопствениот лик (потоа вклучува и други женски ликови видени од нејзина перспектива), не како модел(и) туку како катализатор(и) на проследување на енергијата што ја чувствува и нејзино преобликување во ликовен продукт. Таа во делата што ги создава ги надминува границите на едноставен портрет, сликата оди подлабоко од претставената индивидуа, служејќи како потресна претстава на човековото искуство и соочување со актуелните прашања на нашето време. Преку портретните наративи навлегува длабоко во темите на ранливоста, силата и потенцијалите за трансформација кои битисуваат во сите нас. Поканува на отворен дијалог и интроспекција и ги соочува гледачите со колективните рани и болки што постојат во нас и во нашиот заеднички свет. Притоа, поттикнува подлабоко разбирање на сложеноста на нашето постоење и потенцијалот за посочувствителна и похармонична иднина“, посочува Горанчо Ѓорѓиевски, историчар на уметност.

Мартина Спасовска, родена 1997 во Куманово, е млада визуелена уметница со седиште во Скопје, Македонија. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Таа го истражува и користи човечкото месо како главен елемент во нејзините дела, преку кои поставува повеќе прашања за начинот на кој е претставен човечкиот идентитет. Делата ги третира со сложена мешавина на страв, емпатија, деликатес, ранливост и моќ. Таа има изложувано на неколку групни изложби во Македонија, Њујорк, Австрија, Грција, Косово и Турција.

Изложбата ќе трае до 14 декември.