Менаџментот на „Еуромакс ресорсис“ дојде во Скопје за да обелодени дека ќе ѝ прати писмо на министерката за животна средина Каја Шукова со кое ќе гарантира дека во работата на идниот рудник за бакар Иловица – Штука нема да користи цијанид. Велат дека ќе изградат нов водовод и суво јаловиште и сметаат дека со ваквите гаранции нема никакви законски пречки да бидат споени и одобрени концесиите „Иловица 6“ и „Иловица 11“.

Во писмото, потпишано од највисоките членови на раководниот тим на „Еуромакс ресорсис“, Тимоти Морган Вин, претседател на Одборот на директори и главен извршен директор и Николас Треанд, извршен директор, компанијата нагласува дека во процесот на експлоатација на минералните суровини во рудникот нема да се користи цијанид, ниту каква било цијанидна супстанца.

Компанијата се залага да инвестира во најсовремени технологии, кои овозможуваат управување со отпадот според методологијата за „суво јаловиште“, односно јаловината би била со слична текстура на обичната почва, како и планови за инвестирање во нов водоводен систем за локалните села и за населението.

– Нема да има употреба на цијанидна супстанца во која било форма. Што се однесува до загриженоста за управувањето со јаловината, веќе имаме исклучително безбеден дизајн за управување со неа. Ќе нарачаме студија за спроведување капацитет за управување со „сувата јаловина“. Доколку е остварливо, тоа значи уште едно постепено подобрување на безбедноста, дополнително намалување на ризикот од дефекти на браната, загадување на околните води или оштетување на околниот биодиверзитет и елиминирање на потенцијалното прелевање на јаловината. Во секој случај, нема да има брана со висок ѕид што ќе задржува огромна количина (загадена) вода – рече Тимоти Морган Вин.

За да биде обезбедено безбедно и стабилно водоснабдување за домаќинствата, компанијата ќе инвестира во нов водоводен систем за локалните жители да имаат чиста вода.

– Се обврзуваме да изградиме цевковод од акумулацијата „Турија“ до Иловица, обезбедувајќи сигурно снабдување со вода за жителите да не останат без вода во текот на топлите лета – рече тој.

Извршниот директор на „Еуромакс ресорсис“ ДОО Скопје, Дамиан Петровски, рече дека меѓу највисоките приоритети на компанијата останува и одржувањето на соработката и комуникацијата со локалното население.

– Реализацијата на овој проект не значи сценарио „или-или“. Сосема спротивно, напредокот во современите технологии го отвора патот за соживот и истовремен развој и на рударската индустрија и на земјоделството под поволни услови. Нашата компанија се обврзува да биде поддршка за локалното земјоделство. Планираме да се материјализира нашата посветеност преку различни начини, вклучително и финансиска помош за набавка на напредни земјоделски машини. Ја препознаваме клучната улога на технологијата во современото земјоделство и, како дел од нашите заложби, имаме цел да го олесниме пристапот до најсовремените алатки и знаења, кои може значително да го подобрат локалното производство – рече Петровски.