Газдите мора да сфатат дека времето на ниски плати заврши

-Компаниите мора да се соочат со реалноста дека за ниски плати нема веќе работници. Газдите треба да го одврзат кесето да ги зголемат платите и работниците да ги гледаат како партнери. Треба да сфатат дека додатната вредност ја создаваат работниците и затоа треба да ги подобрат условите и да ги зголемат платите зашто многу брзо можат да останат и без тие кои ги имаат. Овој проблем уште повеќе ќе се продлабочува, а трендот на заминување од државата ќе продолжи се додека не се подобрат условите за работа и не се зголемат платите, изјави за весникот ВЕЧЕР, Јован Пејковски, универзитетски професор

8847

Дефицитот на кадар во земјава се продлабочува. Како што се наближува летото ситуацијата ќе станува покритична, бидејќи голем дел од работниците ќе заминат на сезонска работа во соседните земји. Економистите коментираат дека државата ќе мора сериозно да се зафати за решавање на оваа прашање, бидејќи многу компании поради недостигот на кадар ќе бидат принудени да стават клуч на врата. За да се задржат работниците дома потребно е изедначување со условите и платите кои им се нудат надвор од нашата држава. Работодавачите, пак, подолго време бараат олеснување на условите за вработување на странци. Тие велат дека државата ги зголеми квотите за работни дозволи од 5 на 7 илјади, но не направи ништо во однос на олеснување на процедурите за увоз на работници.

-Компаниите мора да се соочат со реалноста дека за ниски плати нема веќе работници. Газдите треба да го одврзат кесето да ги зголемат платите и работниците да ги гледаат како партнери. Треба да сфатат дека додатната вредност ја создаваат работниците и затоа треба да ги подобрат условите и да ги зголемат платите зашто многу брзо можат да останат и без тие кои ги имаат. Овој проблем уште повеќе ќе се продлабочува, а трендот на заминување од државата ќе продолжи се додека не се подобрат условите за работа и не се зголемат платите, изјави за весникот ВЕЧЕР, Јован Пејковски, универзитетски професор.

Според него, увозот на работна сила не е решение бидејќи тие што ќе дојдат тука за кратко време ќе заминат затоа што ниските плати не се доволни за покривање на трошоците за живот, а камоли за заработка. Секој што доаѓа однадвор доаѓа да заработи, а тоа во Македонија е речиси невозможно.

-Експлоатацијата на работна сила во државата мора да престане, а работниците да се заменат како партнери во бизнисот. Газдите, исто така, треба да вложуваат во образование на постојните работници, а не да ги обучуваат странските кои многу брзо ќе си заминат, додава Пејковски.

Се проценува дека во државата се потребни над 10 илјади работници, но поради новите инвестиции, одливот на кадар и пензионирањето, потребите на компаниите се далеку поголеми.

-Владата не направи ништо во однос на олеснување на процедурите за увоз на работници. Не е доволно само да се зголемат квотите за странци туку треба и да се поедностават процедурите, кои траат повеќе месеци, а на компаниите им се потребни работници веднаш. Постапката од изборот на работници до потпишувањето на договорите за нивното вработување и доаѓање на работа во земјава треба да биде едноставна и брза, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Тој објаснува дека само постапката од МВР за барање за престој до добивањето дозвола за работа од Агенцијата за вработување трае најмалку три месеци. Откако е направен изборот преку соодветни агенции за вработување на странци, постапката од вадењето виза и добивање дозвола за престој и работа од конзуларните претставништва или амбасадите се реализира преку Министерството за надворешни работи, МВР каде што се бара мислење за тоа дали овие луѓе се бараат за тероризам, па повторно во МНР и претставништвата во странство и повторно назад до Агенцијата за вработување, за да издаде дозвола за работа, иако странецот веќе има потпишано договор за вработување од наша компанија.

Србија, веќе ги поедностави процедурите за вработување на странци и воведе едношалтерски систем со цел да го забрза процесот на издавање дозволи за престој и работа на странци.

Според анализата на Агенцијата за посредување при вработување „Коузон“, во земјите од регионот значително се зголемува бројот на работни дозволи издадени на странци. Така, во Грција бројот на работни визи на странци надминал 167.000, во Бугарија само лани се издадени речиси 40.000 работни визи, во Србија 35.000, а во Албанија се издадени скоро 20.000 работни визи на странци. Во Европа повеќето земји и посебно Германија ги олеснија процедурите за вработување на странци. Европските држави интегрираат годишно и по 45.000 работници од странство, пред сè во трудо-интензивните секторите.

(А.С.)