Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на плоштадот „Македонија“ ја отвори средношколската манифестација „Средноленд 2024“, на која скопските средношколци ги претставуваат своите таленти преку музика, танц, ликовна и драмска уметност, фотографија и филм.
– По успешната реализација минатата година, кога за првпат се одржа оваа средношколска манифестација, продолжуваме со поддршката и мотивацијата на нашите талентирани средношколци да ги промовираат своите способности во повеќе области од културата. „Средноленд“ веќе стана препознатлива манифестација, одраз на средношколската безгрижност, младост и свет на искрени пријателства. Се надеваме дека публиката во наредните денови ќе ужива во богатата и разновидна културно-забавна програма креирана од вредните ученици од средните училишта на Град Скопје – информираа од Град Скопје.
Настанот, кој е инициран од професори и од ученици од градските средни училишта, како повеќедневна средношколска манифестација, се одржува од 22 до 27 април, на повеќе локации во градот, и тоа на плоштадот „Македонија“, КИЦ, МКЦ и Градскиот парк – Лепеза.