В недела искачување на Крстовар на Водно и работилница за млади

91

Младинската секција на планинарскиот клуб „Убава“ заедно со Младинска комисија при Федерацијата на планинарство на Северна Македонија, по повод 11 Декември – Интернационалниот ден на планината, в недела, во планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ на Водно, во 11 часот, организира младинска планинарска работилница за лица од 12 до 15 години, на тема „Обнова на планинските еко-системи“.

Во рамките на овој настан е организирано и искачување до врвот Крстовар, на надморска височина од 1.066,74 метри со почеток во 8:30 часот. (Младинците заедно со планинарски водичи, најверојатно една група од Германската амбасада, а друга група од Полициската станица „Водно“) ќе се движат по една или две патеки.

На работилницата ќе се обработуваат следните теми: „Планинските еко-системи се витални за животот“, „Здрави планини се важни за биодиверзитетот“ и „Планинските еко-системи се под закана од загадување“.

Материјалите за изработка на проектите ќе бидат обезбедени од организаторот, освен оние кои што ќе се сретнат и соберат по самите патеки на искачувањето кон Крстовар.

Интернационалниот ден на планината 2023 година, на тема „Обновување на планинските еко-системи“ е шанса да се зголеми свесноста за важноста на планинските еко-системи и повик за природни решенија и најдобри пракси кои ќе придонесат во борбата со климатските промени и загадувањето.

– Ако ја зголемиме свесноста и потребата од заштита на водата, воздухот и почвата, флората и фауната преку ширење на планинарското словото кај младите, шансите за зачувување и обнова на планините и планинските еко-системи повеќекратно се зголемува. Бидејќи ако ги промениме младите ќе го промениме светот – велат организаторите.

(А.П.)