Вучиќ: Државите на Квинта итно да спроведат мерки кои ќе ја гарантираат безбедноста на Србите

41

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска се сретна со амбасадорите на земјите на Квинта од САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија, како и со шефот на делегацијата на ЕУ и побара „итно да донесат и да спроведат одредени мерки кои би ја гарантирале безбедноста на Србите на Косово, што е предуслов за какви било понатамошни разговори со претставниците на властите во Приштина“. Исто така, побара Албин Курти да ги повлече своите специјални единици, бидејќи „Србите никогаш нема да ја прифатат неговата окупација“, јави дописникот на МИА од Белград.

– Се надевам дека ќе успеете да го вразумите Курти да ги повлече своите сили и личните градоначалници од Северот, рече Вучиќ на средбата со претставниците на Квинта, соопштија од прес-службата на претседателот на Република Србија.

Вучиќ изрази големо незадоволство и силна загриженост поради фактот што дел од меѓународната заедница продолжува да ги толерира едностраните потези на Приштина, кои водат до насилство врз српската заедница, што резултира со намален број опции кои би можеле да доведат до постојан мир и стабилност во регионот.

Српскиот претседател ги информирал соговорниците за вистинската хронологија на настаните во текот на вчерашниот ден во кој беа повредени голем број припадници на српската заедница, „кои се собраа да го изразат своето незадоволство од упадот на нелегалните сили на Курти во српските згради, но и поради намалената доверба во КФОР кој и покрај дадените гаранции не ги заштити Србите и не го спречи незаконското и насилно преземање на општините“.

Тој потсети дека навремено и упорно предупредувал за ваквиот развој на ситуацијата, како и за последиците кои можат да доведат до неказнивост на институциите во Приштина, кои не само што не ги исполнуваат своите обврски, туку и редовно преземаат еднострани насилни дејствија против српската заедница на Косово и Метохија, со бројни и чести инциденти, кои резултираа со повреди, тепања, малтретирање и отворена дискриминација на Србите.

Вучиќ рече дека е „крајно време дел од меѓународната заедница конечно да реагира остро, јасно и недвосмислено на политиката на приштинските институции и да ги заштити Србите од се посилните притисоци и бруталното насилство што се врши пред очите на сите механизми, чија улога, меѓу другото, таа заедница да ја штитат“.

Српскиот претседател изрази жалење за повредените војници на КФОР, но посочи дека се повредени многу поголем број Срби, дека против нив било употребено огнено оружје и голема физичка сила, иако од самиот почеток пружиле ненасилен отпор.

Вучиќ додаде дека во сегашната ситуација од клучно значење е зачувувањето на мирот, но и дека најважна е безбедноста на српската заедница на Косово и Метохија, како и дека во оваа смисла очекува земјите од Квинта, кои имаат најголемо влијание врз Приштина, итно да усвојат и спроведат одредени мерки кои би ја гарантирале безбедноста на Србите на Косово, што е предуслов за каков било понатамошен разговор со претставниците на привремените институции во Приштина.

Тој нагласи дека Србија ќе ја продолжи комуникацијата со претставниците на НАТО/КФОР со надеж за зачувување на мирот и стабилноста.

Амбасадорите на Квинта и шефот на делегацијата на ЕУ во Србија изразија загриженост за ескалацијата на насилството и нападите врз војниците на КФОР. Тие побараа враќање на дијалогот за да се најде политички излез од ситуацијата, се наведува во соопштението.