Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави во Њујорк дека усвојувањето на резолуцијата за Сребреница ќе го продлабочи јазот и ќе доведе до нови тензии на Западен Балкан и ги повика членките на ОН да гласаат против.
„Оваа резолуција не само што нема да доведе до мир и нема да ги залечи раните од минатото, туку ќе го продлабочи јазот меѓу народите и ќе доведе до нови тензии на Западен Балкан. Затоа бараме оваа резолуција да се повлече и доколку не, ги повикуваме земјите-членки да гласаат против“, рече тој на приемот организиран од Постојаната мисија на Србија во Обединетите нации за постојаните претставници на земјите-членки на ОН.
Тој додаде дека процесот на нацрт-резолуцијата траел шест месеци во тајност, дека никој во Србија не бил информиран за тоа и дека Белград е отворен за дијалог.
Вучиќ истакна дека „наспроти сите очекувања, поднесувањето на оваа резолуција е направено без оглед на противењето на легитимно избраните претставници на еден народ – Србите, и со целосно игнорирање на институциите во БиХ и нејзиниот закон и устав“.
Тој рече дека мора да има консултации кога станува збор за одлуки кои можат да ја променат регионалната стабилност.
Се надевам дека ќе успееме да ги надминеме сите овие тешкотии и да се фокусираме на економскиот развој и да видиме како можеме да ја зајакнеме регионалната стабилност, соработката, економските врски“, рече српскиот претседател.
Србија, додаде тој, постојано ги осудува страшните злосторства во Сребреница.
„Двајца претседатели на Србија лично го осудија ова – Борис Тадиќ и јас.
Тој посочи и дека предлог-резолуцијата има „тесен опсег и е насочена кон одговорност само на една партија“.
Како што беше претходно најавено, Вучиќ ќе има и низа консултации и средби со претставници на земјите членки на Обединетите нации, со цел да го објасни ставот на Србија во однос на најавената резолуција за геноцидот во Сребреница.