Силјановска: ЕУ треба да има разбирање за нашата различност, а не да нѐ турка во сличност со Бугарија

32

„Секој договор може да има анекс адендум или толкување на договорот во смисла дека разговараат историчарите под капата на политичарите од македонска и од бугарска страна, но тоа е заради градење доверба, заради незаборавање на преамбулата што стои во Договорот за пријателство и добрососедство“, вели кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседателка на државата.
Потребно ќе биде решение од новите власти и во Македонија и во Бугарија, а со помош на новите власти во Европската Унија по изборите и со потрага по некое соломонско решение кое може да биде и со интерпретација.

Ова е одговорот на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата, Гордана Силјановска-Давкова, прашана во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 – како да се стигне до отворање на првиот кластер од пристапните преговори со Европската Унија, кои се заглавени поради одбивањето на опозициската партија да поддржи внесување на Бугарите во Уставот, како што велат, „под бугарски диктат“.

Но, дали ова што го зборува таа е реално и остварливо? Силјановска-Давкова вели – да.

„Еве на што мислам – секој договор може да има анекс адендум или толкување на довогорот во смисла дека разговараат историчарите под капата на политичарите од македонска и од бугарска страна, но тоа е заради градење доверба, заради незаборавање на преамбулата што стои во Договорот за пријателство и добрососедство и она што го слушав вчера овде, во дебатата, од г. Бујар Османи дека нема веќе да има нови услови, дека тоа е договорено итн., нека го напишат во интерпретација на Договорот дека нема да ги користиме разликите или несогласувањата за употреба на вето, дека тие се тука за добрососедски односи. Другиот начин е во новиот состав да се одважат пратеници од Европскиот парламент или да се одважат луѓе од Комисијата, која личи на некоја идна влада, па пред Советот на ЕУ, како на иден втор дом, како што се вели во науката за евроинтеграциите, да објаснат дека може да се примени членот 7 кон Бугарија затоа што ги крши темелните вредности и принципи на ЕУ лоцирајќи идентитетски прашања како услов за почеток на преговори“, рече таа.

Силјановска-Давкова кажа и трета опција во која, како што рече, некој би можел да се одважи од Европскиот парламент и да покрене постапка пред Судот во Луксембург што го штити европското уставно право.

„Значи, јас не сум за фаталистички однос кон ЕУ. ЕУ не е догма. ЕУ за да биде заедница треба да се темели на принципи, да биде инспиративна. Покрај ова што го кажав, има и други членови. Има член 8 од Договорот за ЕУ. Тоа за мене не е правен илузионизам, како што некој тврди, бидејќи зборуваме за почитување и реализација. Членот 8 вели – ЕУ ќе ги поттикнува договорите. Да, поттикна 2017 г., ама врз основа на реципроцитетот итн. Ама напред вели – нема да се меша во уставните и политичките структури, дека ќе ги признава културниот и историскиот идентитет зашто ЕУ е единство на различности и треба да има разлика, да има смисла и разбирање и за нашата различност, а не да нѐ турка во сличност со Бугарија“, вели Силјановска-Давкова.