Во Шведска повеќе од 21.000 заразени со новиот коронавирус

59

Бројот на новозаразени од Ковид-19 во Шведска во изминатите 24 часа порасна од 20.302 на 21.092, а бројот на починати за уште 124, на вкупно 2.586, соопшти шведската Национална здравствена агенција.

Шведска, во која животот и покрај пандемијата се одвива речиси вообичаено, смета дека нејзиниот пристап кон епидемијата успеал, но бројките покажуваат поинаку, оценува Си-Ен-Ен.

Стапката на смртност во Шведска е значително поголема отколку во многу други земји од Европа и достигна повеќе од 21 на 100.000 луѓе, покажуваат податоците на Универзитетот Џонс Хопкинс.

– Ова не е крај… Пред нас е долг пат. Се надеваме дека ќе видиме малку попозитивна слика во Стокхолм, не постои остро растечка крива, изјави денеска шефот на националната агенција за здравство Јохан Карлсон на прес конференција.

Шведската Влада ги затвори државните граници за странци кои не живеат во ЕУ и забрани јавни собирања на повеќе од 50 луѓе.

Градинките и основните училишта се отворени, средношколците и студентите учат од дома.

Шведска на епидемијата на коронавирусот реагираше невообичаено.

Земјата, како многу европски соседи, не воведе строги ограничувања во животот на граѓаните, а сликите на луѓе кои одат на работа по прометни улици или седат по кафулиња и барови предизвикуваат различни реакции во светот.

Фирмите, од фризерски салони до ресторани, останаа отворени, иако на граѓаните им се советува да работат од дома каде што е можно.

Шведската влада на 7.април донесе закон со кој се овозможува брзо постапување и донесување одлуи за привремени мерки таму кае што е потребно.

Домашни посети се забранети од 1 април, а Министерството за здравство ги замоли граѓаните да се воздржат од патувања кои не се неопходни, да држат растојание и да преземат лична одговорност.

epa08394277 A digital billboard showing a bonfire as the Stockholm municipality wishes the inhabitants a nice Walpurgis Night in Stockholm, Sweden, 30 April 2020. Walpurgis Night in Sweden is a traditional religious holiday of pre-Christian origins that nowadays is celebrated mostly to welcome spring. EPA-EFE/FREDRIK SANDBERG SWEDEN OUT

Контрастот на Шведска во однос на другите нордиски земји е голем. Финска прогласи вонредна состојба, ги затвори училиштата и забрани собирања на повеќе од 10 луѓе, ограничи патување до и од регионот Усима и на 1 април ги затвори рестораните, кафулињата и баровите.

Данска беше меѓу првите земји во Европа која ги затвори границите, продавниците, училиштата и рестораните и забрани масовни собирања.

Норвешка почна да воведува ограничувања во патувањата во средината на март, и ги затвори училиштата и градинките, забрани употреба на објекти за одмор, откажа настани и ги затвори фризерските и козметичките салони.

Извор:МИА