Во Прилеп промовирани две нови книги од писателката Габриела Стојаноска-Станоеска

238

Во киното Мис Стон во Прилеп во вторникот беа промовирани две книги на авторката Габриела Стојаноска-Станоеска: збирката Драми(Трудници/Тајни) која ги содржи двата драмски текста „Трудници“ и „Тајни“ и збирката раскази „Сега би пишувала за…“ во која 57 те раскази се групирани во три циклуса: „Сега би пишувала за… – истоимен со насловот на книгата, „Стар живот“ и „Разводнување развод“.

И двете книги му пристапуваат на македонското и на општочовечкото секојдневие, на емоциите и предизвиците во животот на човекот на веков и на современата жена.

Живот, смрт, судбини, преболување загуби на блиски личности, растење, созревање, љубов, секс, недоразбирање, љубомора, неверство, меѓучовечен дијалог, проблеми и решенија, лаги и вистини, предрасуди и нивно кршење, табуа и нивно отворање се повеќето од мотивите кои освен примарната естетска цел, поттикнуваат и на преиспитувања на јас-то и на стварноста и на придвижувања кон повисоки нивоа на човечност. Во двете книги искрено и храбро се обработуваат досега често премолчувани теми и од мажите и од жените автори и во светот и кај нас: запознавање со сопствената сексуалност, планирање потомство, забременување, раѓање, спонтан и индуциран абортус, развод, растење и живот со нарцис и сл. а читателите заслужуваат авторите да им го отворат животот и себеси до максимум. Им го должиме тоа на оние читатели кои растат и созреваат под старателство на книгите – вели авторката Габриела Стојаноска-Станоеска.

 

Книгите на Стојаноска-Станоеска ги промовираа писателот Петар Петрески, актерот Димитар Ѓорѓиевски и драмската авторка и драматург Лидија Митоска Ѓорѓиевска.

 Делата на Стојаноска-Станоеска се читливи, провокативни, стилски оригинални и живототворни. Нејзиното книжевно писмо е натопено со лиризам, искреност и препознатлив автентичен исказ. Таа не се воздржува, не се двоуми во творечкиот третман на современите табу теми, како што се, на пример, женската сексуалност, бременоста, брачната „рубикова коцка“, растајнувајќи ни го,мошне успешно и сугестивно,  сето она што се крие зад завесата на  нашето вродено лицемерие, рече писателот Петрески.

 

-Постојано е присутен стравот и морничавоста, траумите и согледувањето на работите кои ни се тешки да ги гледаме. Но, Габриела ни ги разубавува тие работи. Со самото тоа што ги признава, нѐ потсетува дека сe присутни, дека се врзани за нас, дека често се поттик за личен раст и напредок, иницијатор за создавање нови дела, дека се човечки и нормални, вели за збирката раскази актерот Димитар Ѓорѓиевски.

– Се работи за драмски тек­­­сто­­ви кои обработуваат современи и секогаш актуелни теми, тек­­сто­ви кои многу смело и без трошка ублажување, на најав­тен­­ти­чен можен начин прикажуваат бројни проблематични ас­пек­­­ти на нашето време и современ живот, такви аспекти за кои би можело дури и да се каже дека се своевидни современи табуа, рече на промоцијата драмската авторка и драматург Лидија Митоска Ѓорѓиевска.

 

Писателката Габриела Стојаноска-Станоеска работи како наставничка по македонски јазик во основното училиште „Кочо Рацин“ во Прилеп и е главна и одговорна уредничка на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“. Досега има објавено повеќе книги.