Во отворено писмо од фелата: Повеќе од 200 музичари повикаа да се стави крај на употребата на вештачката интелигенција

377
Фото: EPA-EFE/Alejandro Garcia

Повеќе од 200 музичари повикаа да се стави крај на употребата на вештачката интелигенција во музичката индустрија

Повеќе од 200 музички уметници потпишаа отворено писмо од Здружението за права на уметници со седиште во Вашингтон, во кое ги повикуваат технолошките компании да престанат да користат вештачка интелигенција (ВИ), наведувајќи ја загриженоста за нејзиното влијание врз уметниците и текстописците.

Во писмото се предупредува дека нерегулираната употреба на вештачката интелигенција во музичката индустрија може да ја „саботира креативноста и да ги поткопа уметниците, текстописците, музичарите и носителите на правата“, објави АП.

„Нека нема забуна: ние веруваме дека, кога се користи одговорно, вештачката интелигенција има огромен потенцијал да ја подобри човечката креативност на начин што овозможува развој и раст на нови и возбудливи искуства за љубителите на музиката“, се наведува во писмото, додавајќи дека „За жал“ одредени платформи и програмери користат вештачка интелигенција на начин што може да биде штетен за уметниците.

Во писмото се истакнува дека вештачката интелигенција, кога се користи неодговорно, претставува огромна закана за способноста на уметниците да ја заштитат својата приватност, идентитет, музика и егзистенција. Се вели дека „некои од најголемите и најмоќните компании“ ја користат работата на уметниците без нивна дозвола за да обучуваат модели со вештачка интелигенција да создаваат звуци што „значително би ги разводниле хонорарите“ што им се исплаќаат на уметниците.

Програмерите на вештачката интелигенција, технолошките компании и дигиталните музички услуги се повикани да се обврзат да не развиваат или да користат технологија, содржини или алатки за генерирање музика што би ја поткопале или замениле работата на човечките уметници или текстописци или ќе им ускратат правична компензација.

Меѓу потписниците на писмото се Кети Пери, Били Ајлиш, Стиви Вондер, Миранда Ламберт, Зејн Малик, Ноа Кахан, Ники Минаж, Питер Фрамптон, Смоки Робинсон, Џеј Болдвин, бендот „Imagine Dragons“ и други, пренесува Танјуг.