Во новата учебна година – задолжителни маски, дезинфекција и дистанца: Среќно!

505

Скопските првачиња денес присуствуваа на првиот училиштен час, а пред училишните врати, според сите протоколи и почитување на мерките против ковид-19, беа пречекани од нивните наставници. Добија инструкции за новите корона протоколи на кои ќе мора да се придржуваат додека се во училишните простории, а тоа значи забрана за поздравување и задолжително држење растојание, дека секојдневно на влез ќе им се мери температура, да внимаваат на редовно миење и дезинфекција на раце, дека родителските средби ќе бидат онлајн…

Во рамки на новата учебната 2021/2022 година, скопските првачиња денес присуствуваа на првиот училиштен час, а пред училишните врати, според сите протоколи и почитување на мерките против ковид-19, беа пречекани од нивните наставници.

Со маски, мерење температура и дезинфекција на рацете првоодделенците во сите основни училишта ја започнаа учебната година која стартува со физичко присуство за учениците од основните и средните училишта во земјата, освен за средношколците од Тетово и Гостивар, кои првите две недели наставата ќе ја следат онлајн. И Кризните штабови во Струга и Кичево побараа наставата да се одложи или да се одржува онлајн, оти состојбата со ковид-19 е далеку полоша од лани.

За стартот на новата школска година, министерот Филипче порача дека многу е важно да се поддржи училишниот процес со тоа што граѓаните ќе се вакцинираат, бидејќи само така ќе овозможиме децата да имаат безбеден училиштен процес.

-Започнува училишната година која ќе биде со физичко присуство. Ова е многу важно за децата и учениците бидејќи недвосмислено сите анализи покажуваат дека тие мора да одат на училиште и дека повторно одлагање на учебната година или учење онлајн е на нивна штета. Речиси сите земји во светот го вратија нормално училишниот процес, ќе го направиме тоа и ние – вели министерот Филипче и дополни дека децата што имаат хронични заболувања или некој член од семејството можат наставата да ја следат онлајн. Што се однесува пак за граѓаните кои од разбирливи причини бараат онлајн настава, министерот Филипче им порача дека доколку се влошува состојбата или вирусот почне да се шири во училиштата, подготвени се алтернативни решенија. Во тој случај, здравјето на децата нема да биде доведено во прашање. Со оглед на тоа што искуството од минатата година покажа дека трансмисијата на вирусот во училиштата беше прилично ниска, засега нема такви очекувања.

За Министерството за образование и наука и министерката Мила Царовска, отворањето на училиштата е во најдобар интерес за учениците.

„Најдобар начин да се заштити и менталното здравје и да се одржи нивото на квалитет на наставата и социјализацијата на учениците е тие да се во училница и ние тоа ќе го направиме во оваа учебна година“, рече Царовска. Таа при посетата на ОУ „Лирија“ во општина Чаир денес рече дека „верува дека моделот за настава кој ќе се применува со физичко присуство за сите ученици преку висока лична и колективна одговорност ќе биде одржлив и нема да се дозволи училиштата да бидат места за трансмисија на заразата“.

Според Царовска, училиштата се подготвени за настава преку донесените протоколи кои се доставени до училиштата.

Забрана на каков било физички контакт и поздравување помеѓу учениците и вработените во училиштето, за температура повисока од 37,4 степени учениците се праќаат дома, забрана за родители за влез во училиштето, редовно миење и дезинфекција на раце, се само дел од протоколите со кои се предвидува да се реализира наставата со физичко присуство оваа учебна година.

Голем дел од јавноста и родителите, пак, не се уверени во овие тврдења сметајќи дека протоколите ќе бидат само на хартија, а нивна практична примена е невозможна заради многуте нејаснотии и дилеми кои ги содржат. Тие се загрижени околу протоколите во однос на бројот ученици и пополнетоста на училниците, практикувањето на физичкото образование, одењето во тоалет, но и околу безбедноста на учениците кои ќе користат јавен превоз. До директорите во училиштата веќе поднесуваат барања за онлајн настава од медицински и немедицински причини, бидејќи сметаат дека здравјето на децата е најважно, а знаењето и дружбата можат да се надоместат.