Во некои летувалишта во Грција може да летувате по цени како во Охрид

Покрај зголемените цени на сместувањето во Грција, во некои од летувалиштата сепак може да летувате како во Охрид. Цените на апартманското сместување, во зависност од дестинацијата и од времето на летување, се движат од 12 евра за лице на ден во претсезона, односно 90 евра за седум дена. Во сезона најниска цена која може да се најде за приватно сместување изнесува 35 евра од ден. И во Охрид годинава приватното сместување е многу поскапено. Цените за изнајмување на студио се движат од 1.800 денари во претсезона до 2.500 денари во сезона

6877

Покрај зголемените цени на сместувањето во Грција, во некои од летувалиштата сепак може да летувате како во Охрид. Цените на апартманското сместување во зависно од дестинацијата и од времето на летување се движат од 12 евра за лице на ден во претсезона, односно 90 евра за седум дена. Во сезона најниска цена која може да се најде за приватно сместување изнесува 35 евра од ден. И во Охрид годинава приватното сместување е многу поскапено. Цените за изнајмување на студио се движат од 1.800 денари во претсезона до 2.500 денари во сезона.

-Годинава цените на апартманското сместување, кое го користат најголем дел од македонските граѓани, е најмногу поскапено. Цените се зголемени од 20 до 40 отсто, но има и поевтини летувалишта каде во претсезона може да се најде сместување за 90 евра во претсезона и 245 евра во сезона. За да можат поевтино да летуваат, граѓаните треба да ги користат попустите за ран букинг и можат да добијат попуст до 30 отсто, велат за весникот ВЕЧЕР од една туристичка агенција.

Освен во Грција и во Охрид, годинава летувањето ќе биде скапо. Хотелското сместување е зголемено за 30 отсто, а покачени се и цените на приватното сметување.

Од Асоцијацијата на хотелиери велат дека поскапувањето се должи на високите цени на производите, енергенсите, но и повисоките плати што тие им ги даваат на работниците за да ги задржат, односно да не се доведат во ситуација да немаат работници поради големиот наплив на Македонци, кои во текот на летото заминуваат на работа во Хрватска.

Од ХОТАМ велат дека и покрај поскапувањето на услугите, Македонија останува најевтина дестинација во регионот и покрај тоа што нема веќе од 20 и нешто евра за ноќевање, туку е 30 и нешто евра, а некаде и повеќе.

-Студијата ги изнајмуваме за 1.800 денари во мај и јуни, а за 2.500 денари во јули и август, односно во екот на сезоната. Сметам дека цената не е висока со оглед на тоа дека се работи за нови и многу опремени студија. Во студијата има клима, кујна, одделна бања, тераса, безжичен интернет, кабелска ТВ, паркинг место… Секако цените зависат и од времето за престој, секако цената не е иста за престој за една ноќ и за 10 ноќи, изјави за весникот ВЕЧЕР сопственичката на студијата.

Таа додава дека студијата им се букирани во текот на целото лето, а освен постојани домашни гости имаат и туристи од соседните земји, а најмногу од Србија и Косово.

И сопственикот на една приватна вила која издава апартмани во Охрид вели дека цените се повисоки, но приватното сместување нуди многу бенефити.

-Цените за изнајмување на апартман претсезона се од 30 евра за двокреветен, 40 евра за трикреветен и 50 евра за четворокреветен апартман. Во сезона се повисоки за 5 до 10 евра. Апартманите се опремени со кујна, телевизор, интернет, сопствен паркинг и сметам дека за квалитетот на услугата која ја нудиме не се високи, вели за весникот ВЕЧЕР сопственикот Бошко Дамовски и додава дека освен домашни, годинава очекува повеќе гости од странство, а особено од Англија.

Според информациите на страната „Грчка инфо”, во Паралија, едно од најпопуларното летувалишта на нашите туристи во мај можете да јадете целосен ручек за само девет евра. Дневното мени вклучува салата, супа, главно јадење и торта, сето тоа на морскиот брег. Фрапе во кафуле покрај море чини три евра. Во продавниците литар млеко може да се најде за 0,95, а најмногу 1,1 евро, додека килограм јогурт чини 2,5 евра. Цената на лебот зависи од видот, но се движи од 0,60 до 1,8 евра. Доматите се 1,65 до 2,25 евра, краставицата ја наплаќаат по 1,65 евра за килограм. Пита-гиро може да се јаде за 3,5, а најмногу четири евра, додека порција е 8-9 евра.

Што се однесува до овошјето, црешите може да се купат за 3,5 евра, кајсиите за две. Топка сладолед е две евра. Газирани пијалаци покрај море се 3,50 евра, енергетските пијалаци се 5, а милкшејковите се најмногу 4,8 евра.

И покрај зголемените цени, бројот на македонски туристи во Грција секоја година се зголемува. Вкупно 1.128.000 туристички посети од Македонија лани се регистрирани во Грција, бројка што е нешто помалку од двојно поголема споредбено со 2022 година. Минатата година за 46,5 отсто се зголемил бројот на посетители од Македонија споредбено со една година претходно кога имало 770.000 македонски туристи. Во регионот во кој спаѓаат Солун и Халкидики, посетителите од Македонија се меѓу првите три земји.

(А.С.)