Во Македонија регистрирани првите пациенти кои истовремено се заразени со ковид-19 и со грип

Инфлуенцата постепено ги полни лекарските ординации.Според матичниот лекар д-р Мира Атанасова, деновиве ИЈЗ и доставил извештај на 40-годишна пациентка дека има двојна инфекција и ковид-19, но и инфлуенца од типот Б.

38228

 Според матичниот лекар д-р Мира Атанасова, деновиве ИЈЗ и доставил извештај на 40-годишна пациентка дека има двојна инфекција и ковид-19, но и инфлуенца од типот Б. -Основна разлика меѓу грипот и коронавирусот е што инфлуенцата почнува ненајавено и за неколку часа пациентот може веќе да залегне, да има висока температура, болки во грлото, суво кашлање, главоболки, течење на носот, болки во коските, зглобовите и мускулите. Во ваков случај веднаш треба да се почне со терапија и задолжително да се користат електролити, вели за весникот ВЕЧЕР д-р Атанасова. Според ИЈЗ, во моментов за два и пол пати е зголемен бројот на заболени од сезонски грип во однос на истиот период лани

Во ек на епидемија на ковид-19, сезонскиот грип во Македонија постепено зема замав. Во пресрет на новогодишните празници сè повеќе лица се тестираат и за ковид-19, но и за сезонска инфлуенца. Во лабораториите регистрирани се првите случаи на двојна инфекција. За разлика од лани кога речиси и да немавме заболени од грип, а тогаш беше доминантен британскиот сој, во моментов бројот на новозаболени достигна 643 лица. Статистиката вели дека тоа е за два и пол пати повеќе од лани, оти во истиот период 2020 година од инфлуенца боледувале само 259 граѓани. За една недела ширум земјава регистрирани се нови 134 случаи на заболени од грип, кои се пријавени во шест градови во земјава, а најмногу од заболените се во Дебар – вкупно 58. Оваа статистика е дел од последниот неделен извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Деновиве сè пополни се и ходниците на лекарските ординации. Матичните лекари, кои ги контактираше ВЕЧЕР, потврдуваат за зголемен број заболени со сезонскиот грип, но дека инфицираните пациенти повеќе се исплашени да не се работи за коронавирусот, пред сè заради сличната симптоматологија. Лекарите од примарното здравство потврдуваат дека малку симптоми ги разликуваат двата вируса и најмногу од заболените лица не се вакцинирани ниту против сезонски грип, ниту за заштита од ковид-19.

-Основна разлика меѓу грипот и коронавирусот е што инфлуенцата почнува ненајавено и за неколку часа пациентот може веќе да залегне, да има висока температура, болки во грлото, суво кашлање, главоболки, течење на носот, болки во коските, зглобовите и мускулите. Во ваков случај веднаш треба да се почне со терапија и задолжително да се користат електролити – вели за весникот ВЕЧЕР матичниот лекар д-р Мира Атанасова.

Таа дообјаснува дека ковид-19 не почнува нагло, постепено се јавуваат повеќето симптоми, а карактеристично е што се губи чувството за мирис и вкус. Најсигурно е кога пациентот ќе се тестира и точно ќе се знае за која инфекција станува збор.

-Досега кај болните од грип не се губело чувството за мирис и вкус, тоа за нас беше непознато нешто што не го знаевме додека не се појави коронавирусот. Во моментов имам пациентка на 40-годишна возраст која има и ковид и инфлуенца од типот Б. Среќа таа има лесни симптоми, но заради вирусот на ковид-19 е во изолација, посочува д-р Атанасова.

Според д-р Атанасова, за да се намали истовременото ширење на грипот и короната кај учениците и средношколците, таа препорачува онлајн настава до крајот на првото полугодие.

-Не знам како ќе биде по празниците кога се очекува да се рашири и омикронот, единствено добро е што децата нема да одат на училиште. Експлозијата ќе биде кај возрасните, бидејќи имаме многу невакцинирани, смета д-р Атанасова.

Анализите на ИЈЗ покажуваат дека најголем број заболени со сезонски грип се на возраст од 15 до 64 години, но има и деца од 5 до 14 години и тоа за една недела вкупно 36 инфицирани. Најмалку заразени, 9 лица, се на возраст над 65 години популација која најмногу е вакцинирана од инфлуенца.

Според директорот на Институтот, Шабан Мемети, поради зголемениот број на заболени од сезонски грип и сличните симптоми меѓу грипот и ковид-19, сите граѓани треба да внимаваат, особено повозрасните, лицата со коморбидитети и здравствените работници. Тој посочува дека каде што е потребно да се тестира истовремено и за ковид-19 и за грип.

Годинава имунизацијата за сезонски грип доцнеше и започна на 11 ноември, што дополнително го одложи периодот за создавање имунитет кај вакцинираните граѓани.
Министерството за здравство набави 40.000 дози бесплатни вакцини и 11.900 за комерцијална употреба, по цена од 800 денари.

Според последниот извештај на ИЈЗ, во Македонија вакцинирани се вкупно 48.295 граѓани со бесплатна или комерцијална вакцина против сезонски грип.

(В.Ма.)