Во Македонија на дијализа се дури 1.500 пациенти – болеста е честа причина за смрт! 

1150

 

– Хроничната бубрежна болест (ХББ) е прогресивна болест што доведува до трајно оштетување на бубрезите, кое во последниот стадиум се лекува со хемодијализа. Се проценува дека околу 10 % од светската популација страдаат од оваа болест. Во неразвиените земји, голем дел од заболените остануваат недијагностицирани до последната фаза. Во 2020 година, ХББ била десеттата причина за смрт. Предвидувањата се дека до 2040 година ќе биде петтата најчеста причина за смрт на светско ниво. Хроничната бубежна болест има тренд на раст и претставува значаен глобален предизвик за здравствените системи, бидејќи е скапа болест, проследена со зголемени морбидитет и морталитет. Во Македонија, моментално на дијализно лекување се околу 1 500 пациенти во краен стадиум на ХББ – вели за весникот ВЕЧЕР доктор Борис Роглев, специјализант на нефрологија

 

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

 

Светскиот ден на бубрегот се одбележува секоја година, на вториот четврток во март, во повеќе од 200 земји во светот. Македонија е дел од светската кампања од 2007 г., која годинава е посветена на унапредувањето на правичниот пристап за нега и оптимална практика на лекарствата. Оваа 2024 година, мотото на Светскиот ден на бубрегот е „Бубрежно здравје за сите, унапредување на правичниот пристап за нега и оптимална практика на лекарствата“.

Хроничната бубрежна болест (ХББ), која е застапена кај 10 отсто од населението во светски рамки  и за која се предвидува дека ќе се зголеми за 17 проценти во текот на следната деценија, е глобално здравствено прашање и клучна тема што се третира во изминативе години. ХББ е постепено и неповратно губење на бубрежната функција со текот на времето. Не може да се излекува, но може да се забави и да се лекува.

Кога работат нормално, бубрезите работат како ефикасни филтри и човекот нема никакви знаци на протеини во урината. Многу фактори, вклучувајќи го и стареењето, може да ја намалат способноста на бубрезите за филтрирање и се дијагностицира ХББ ако е засекогаш намалена бубрежната функција. ХББ има пет стадиуми: од првиот до четвртиот стадиум, фокусот е на зачувувањето на бубрежната функција, додека во петтиот стадиум е неопходна дијализа или трансплантација.

Во Гевгелија, центарот за дијализа „Диаверум“, традиционално, го одбележува Светскиот ден на бубрегот.

По тој повод, разговаравме со доктор Борис Роглев, специјализант на нефрологија, и со Анета Стамкова, одговорна за комуникации во „Диаверум Македонија“. Доктор Роглев вели за ВЕЧЕР дека, во Македонија, моментално на дијализно лекување се 1 500 пациенти во краен стадиум на ХББ. Како најчести причини за хроничната бубрежна болест ги наведува  хипертензијата и дијабетес мелитус, меѓутоа постојат и други причини како гломерулонефрити, лупус, полицистични бубрези, малигни болести на генитоуринарниот тракт, некои генетски болести.

 Што е хроничната бубрежна болест, кои се симптомите и како се лекува таа?

Хроничната бубрежна болест (ХББ) е прогресивна болест што доведува до трајно оштетување на бубрезите, кое во последниот стадиум се лекува со хемодијализа. Се проценува дека околу 10 % од светската популација страдаат од оваа болест. Во неразвиените земји, голем дел од заболените остануваат недијагностицирани до последната фаза. Во 2020 година, ХББ била десеттата причина за смрт. Предвидувањата се дека до 2040 година ќе биде паттата најчеста причина за смрт на светско ниво. Хроничната бубежна болест има тренд на раст и претставува значаен глобален предизвик за здравствените системи, бидејќи е скапа болест, проследена со зголемени морбидитет и морталитет. Во Македонија, моментално на дијализно лекување се околу 1500 пациенти во краен стадиум на ХББ.

Најчести причини за хроничната бубрежна болест се хипертензијата и дијабетес мелитус, меѓутоа постојат и други причини како гломерулонефрити, лупус, полицистични бубрези, малигни болести на генитоуринарниот тракт, некои генетски болести. На светско ниво, статистиката вели дека еден од тројца пациенти со дијабетес мелитус има постојна ХББ во некој од петте стадиуми. Исто така, еден од петмина пациенти со хипертензија има некаква постојна ХББ.

Во почетните стадиуми, хроничната бубрежна болест не предизвикува специфични симптоми и затоа може да биде тешко рано да биде дијагностицирана. Човечкото тело изнаоѓа начин да се адаптира на почетокот на болеста. Дијагнозата може да постави се кога прави пациентот испитувања за друга здравствена состојба. Првите симптоми се замор, снеможеност, сува кожа што чеша, отоци околу зглобовите на нозете и очите, крв во урината, пенлива урина, почесто мокрење. Во понапредна фаза, може да се јават главоболки, ноќно мокрење, несоница, диспнеја поради насобирање течност во белите дробови. Дијагнозата се воспоставува со лабораториски тестови за одредување на деградациските продукти, односно уреа и креатинин, како и проверка за присуство на протеини во урината. При одредени состојби, можно е да се потребни дополнителни испитувања од типот на ехосонографија, КТ- скен, МРИ и биопсија на бубрегот.

Што се случува доколку откажат бубрезите?

Се работи за прогресивна состојба, која го менува животот на пациентот, која во последниот стадиум бара бубрежно заместителна терапија, односно хемодијализа или трансплантација.

Во петтиот стадиум, останува 10-15 % од вашата бубрежна функција, мерено со проценета стапка на гломеруларна филтрација (eGFR) помала од 15 mL/min. Во оваа фаза, вашите бубрези повеќе не може да ве одржуваат во живот без дополнителна помош. Ова е познато и како краен стадиум на бубрежната болест (ESKD). Со откажување на бубрезите, дијализата може да изврши само дел од работата на здравите бубрези, но не е лек за бубрежната болест. Со ESKD, ќе ви треба дијализа до крајот на животот или додека да направите трансплантација на бубрег.

Дијализата врши некои од функциите што обично ги прави вашиот бубрег за да го одржи вашето тело во рамнотежа, како што се: отстранување на токсините и на дополнителните течности во вашето тело за да се спречи нивно наталожување, одржување на електролитите во крвта на безбедно ниво, како што се калиумот, натриумот, калциумот и бикарбонатот и помага да се регулира крвниот притисок.

Сепак, не ги заменува целосно сите функции на бубрезите, па затоа не се смета за лек за бубрежната болест или бубрежната инсуфициенција.

Дијализата често прави луѓето да се чувствуваат подобро, затоа што помага да се исчистат токсините што се насобрале во крвта меѓу третманите. Сепак, некои луѓе пријавуваат дека се чувствуваат уморни по дијализата, особено ако долго време се на третмани за дијализа. Раното откривање на ХББ е главниот предиктор за успешно спречување на губењето на функцијата на бубрезите, со тоа што ќе се намалат сите ризик-фактори за болеста. Неопходни се кампањи за подигнување на свеста кај популацијата, за значајноста на редовните прегледи и на следењето на функцијата на бубрезите. Главна улога во ова играат нивото на здравствената писменост и информираноста на населението. Секако, откако ќе се открие проблемот, од важна улога е и семејниот лекар, како и специјалистот нефролог/интернист.

Анета Стамкова:

Центарот „Диаверум Македонија“ работи на 4 континенти, во 24 земји

„Диаверум“ е дијализен провајдер, опстојува во Македонија од 2018 година и работи на 4 континенти, во 24 земји. Строгите процедури за работа од светски ранг, усогласени со националната легислатива во доменот за бубрежното здравје и дијализното работење, испорачуваат вистинска грижа за дијализните пациенти. Центарот за дијализа „Диаверум“ во Гевгелија опслужува пациенти од Гевгелија, Дојран, Богданци, Валандово и  околните места. Бројот на пациенти варира и се движи од 35 до 40 . Многу често Гевгелија е домаќин и на пациенти што доаѓаат од други градови, но и од други држави, со што нè има и на мапата на здравствениот туризам, вели  Анета Стамкова, одговорна за комуникации во Диаверум Македонија.

Дигитализацијата, како неприкосновена присутност, е активно вклучена во нашата работа, со што сме чекор поблиску до paperless или што помалку хартија, преку системот TGS, односно Treatmanguidancesystem. Исто така, многу важна и прилично користена ни е апликацијата, специјално креирана и наменета за нашите пациенти d.care, со која во секој момент пациентите имаат информација за своето здравје од аспект на текот на дијализата, терапијата, лекарствата.

Светскиот ден на бубрегот се одбележува секоја година, секој втор четврток во март. Годинава, „Диаверум“ ѝ е официјален партнер на организацијата. Интернационално, национално и локално, се вклучуваме со повеќе активности. Годинашното мото е „Бубрежно здравје за сите – унапредување на правичниот пристап за нега и оптимална практика на лекарствата“. Во конекст на ова мото, подготвивме соодветни, скромни, но практични подароци за нашите пациенти, со што ќе имаат оптимална практика на лекарствата. Тоа се кутичиња за лекарства, за секој ден од неделата, но и водич до нашата апликација d.care, која, покрај другото, има и потсетници за земање на лекарствата во домашни услови.

Исто така, во прилог на мотото на СДБ, во знак на пристап до бубрежната нега, но особено како резултат на повеќегодишните анализи, Реналната академија и во соработка со „Мој термин“, Министерството за здравство, шведската амбасада и „Нефроплус“, „Диаверум“ најавува еден голем проект, чиј носител во Југоисточниот Регион е „Диаверум“, и логистички и финансиски, а се однесува на бесплатниот скрининг на популацијата во ризик од хронична бубрежна болест. Пилот-проектот ќе опфати 1 000 пациенти од регионот на покривање на „Диаверум“, ќе започне во март и ќе трае четири месеци.Во склоп на „Диаверум“, во рамките на превентивата, веќе функционираат и амбуланти во Скопје, Куманово и во Струмица, а наскоро и во Кочани.