Во Кинотеката на Македонија во Скопје, на 23 септември во 19 часот, познатата македонска фотографка Билјана Јуруковски, по потекло од Прилеп, која долги години живее во Австралија, со своја приказна од далечната Африка ќе се претстави пред македонската публика.

„Ќе одржам презентација за своите патувања и средби со племињата во Африка“, вели Јуруковски.

Таа има невообичаена пасија, со својот фотоапарат го доловува животот на домородните племиња на африканскиот континент. Секогаш знае да каже во своите презентации дека се специфични и посебни по многу нешта.

Презентацијата е во рамките на 9. издание нa меѓународниот етнографски фестивал (ЕТНОФФ 9/ ETNOFF 9), a влезот е бесплатен.

Инаку, Билјана Јуруковски е македонско- австралиска наградувана фотографка, која е инспирирана и воодушевена од убавината на различните култури. Таа ужива да патува до далечни дестинации за да дознае за културата и за традициите на домородните луѓе и за да ги фотографира.

Портретите на Билјана се кулминација на нејзината страст, љубовта и почитта кон другите култури и традиции. Тие прикажуваат грациозен свет, каде што силата и гордоста се врежани на лицата на фотографираните луѓе. Нејзината цел е преку фотографијата да создаде дискусии за различните култури, нивниот начин на живеење и прифаќање на животните предизвици. Билјана ја гледа фотографијата како медиум за комуникација меѓу луѓето. Нејзината работа е претставена на меѓународно ниво во многу списанија, весници, веб-страници, вклучувајќи ги „The Guardian“, „Lens Magazine“, „Sydney Morning Herald“, „La Fotografia Magazine“… Добитник е на многу награди, а нејзината работа е прикажана на изложби во Њујорк, Берлин, Барселона, како и во Македонија и во Франција.