Војна меѓу НАТО и Русија? „Тоа би било катастрофа“

176

Германија не сака да испраќа тенкови во Украина бидејќи тоа може да биде опасен чекор во ескалацијата на конфликтот, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц во интервју за „Њујорк Тајмс“.

„Ова е многу опасна војна“, рече тој, на прашањето зошто Германија не испраќа тенкови во Украина, на што инсистира Киев.

„Ја поддржуваме Украина. Тоа го правиме на начин што не води до ескалација, до војна меѓу НАТО и Русија, бидејќи тоа би било катастрофа“ – објасни Шолц.

Од друга страна, американскиот помошник на претседателот за национална безбедност Џејк Саливан изјави дека американските власти ќе продолжат да ја олеснуваат испораката на тенкови од советската ера во Украина од земјите членки на Северноатлантската алијанса, како и друго оружје.

„Само Соединетите Американски Држави досега имаат испорачано оружје во вредност од над 15 милијарди долари на Украина, вклучувајќи системи за противвоздушна одбрана, стотици носачи на артилерија, стотици илјади, ако не и милиони, артилериски гранати. Помогнавме да се предадат тенковите на сојузниците на НАТО кои имаат тенкови од советската ера на кои се обучувале Украинците. Ќе продолжиме со тоа“, изјави тој за Си-Би-Ес.