Вода извира од под бандера за улично осветлување, доведена е во прашање безбедноста 

424

Жителите од улицата „Среќко Пужалка“, во населбата „Ченто“, реагираат дека веќе речиси еден месец од под бандера за улично осветлување извира вода што претставува опасност и за возрасните и за децата, бидејќи во непосредна близина се наоѓа градинката „Сонце“. Тие бараат од општината да излезе на терен и да го среди дефектот.

-Бандерата е цела во вода. Да не чекаме да се случи нешто лошо, со последици. Тука поминуваат деца – вели жителка на оваа улица.

Билјана Богдановска упати апел и до ЈП „Водовод и канализација“ и до сите советници од Општина Гази Баба заинтересирани да помогнат.

-Водата тече уште од почетокот на учебната година, а можно е и од претходно. Водата извира во голем млаз од самата бандера, што е многу опасно. Огромни количества на вода тукутака се изгубени. Штета голема – вели таа.

Случајот велат жителите е пријавен уште првиот ден кога почнала да тече водата, но досега никој не реагирал.

Од Општина Гази Баба велат дека проблемот е пријавен во јавното претпријатие „Водовод и канализација“.

-Оттаму не информираа дека станува збор за дефект на хидрант и оти тој ќе биде отстранет во најскоро време – одговорија од локалната  самоуправа.

Од ЈП „Водовод и канализација“ одговорија дека се запознаени  со случајот и оти утре екипи ќе работат на терен на отстранување на дефектот.

(А.П.)