ВМРО-ДПМНЕ сигурни во 61 пратеник, какви сојузи се во игра?!

Откако повика на создавање национално единство и стави мораториум на сите напади кон ЗНАМ и Левица, лидерот на најголемата опозициска партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски порача дека по 8 мај, денот на гласањето за парламентарните избори, коалицијата „Твоја Македонија“ ќе биде апсолутен победник и ќе успее да консолидира 61 пратеник. И покрај толкувањата во јавноста дека на повидок е постизборна коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Левица, а албанските партии да останат без можност да уценуваат за состав на новата Влада, Мицкоски во интервју за МИА вели дека сепак, за коалициски партнер го преферираат албанскиот опозициски блок. За евентуалното коалицирање со ДУИ нагласува дека оти во политиката никогаш не се затвораат вратите, но потенцира дека предност има коалицијата „Вреди“. 

1218

Откако повика на создавање национално единство и стави мораториум на сите напади кон ЗНАМ и Левица, лидерот на најголемата опозициска партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача дека по 8 мај, денот на гласањето за парламентарните избори, коалицијата „Твоја Македонија“ ќе биде апсолутен победник и ќе успее да консолидира 61 пратеник. И покрај толкувањата во јавноста дека на повидок е постизборна коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Левица, а албанските партии да останат без можност да уценуваат за состав на новата Влада, Мицкоски во интервју за МИА вели дека сепак, за коалициски партнер го преферираат албанскиот опозициски блок. За евентуалното коалицирање со ДУИ нагласува дека оти во политиката никогаш не се затвораат вратите, но потенцира дека предност има коалицијата „Вреди“.

-Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да консолидира 61 пратеник по 8 мај. Како коалиција „Твоја Македонија“, ќе бидеме апсолутен победник. Не би можел денеска да проектирам колку. Секако ќе поканиме коалициски партнер токму поради овие причини што зборуваме за права на застапеност на помалите етнички заедници. Тоа е моја реченица дека не се затвораат никогаш во политиката вратите и така е. Но, наш приоритет е коалицирањето со албанската опозиција, нагласува Мицкоски во интервјуто.

За усогласувањето на одредени политики со албанската опозиција, како што се уставните измени, вели сè уште не разговарале, во моментов се насочени кон кампањите и за претседателските и за парламентарните избори.

-Генерално сме тука фокусирани, воопшто не сме фокусирани на преговори. Ние имаме јасна програма, Платформа 1198, имаме јасна реформска агенда, јасна визија за Македонија. Таа реформска агенда ги опфаќа сите етнички заедници. Не е ова само за Македонците. Еве малку реформи за Македонците, па малку за Ромите, па малку за Турците, па за Албанците. Не, ова е за сите граѓани. Цениме дека имаме производ којшто навистина е многу значен и носи развој на Македонија, вели Мицкоски.

Откако Мицкоски ги повика членовите на СДСМ на обединување и најави мораториум во нападите кон Левица и ЗНАМ, лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, му порача дека „единствен мораториум во главата на Мицкоски е мораториумот за интеграција на државата во Европската Унија“. Според него, Мицкоски е подготвен да го одложува членството на државата во ЕУ уште 11 години, како што тоа го правел неговиот ментор Груевски.

 –Наместо национално единство за мораториум, на Македонија и е потребно национално единство за интеграција во ЕУ. Тоа е вистинскиот и единствен пат за промени и токму тоа е одлуката што вие треба да ја донесете на овие избори. Едната опција е Мицкоски, Силјановска и ДПМНЕ со мораториум за ЕУ, а другата опција се СДСМ и Стево Пендаровски кои нема да се откажат од нашата европска иднина, порача Ковачевски од митингот во Тетово.

Во повикот за национално единство, Мицкоски рече дека со Левица и Знам имаат свои разлики, по повеќе прашања и од идеолошка и од принципиелна природа, но цени дека во моментов најклучно за иднината на земјата е да се фокусираат на оние кои ја киднапираа Македонија од рацете на граѓаните.

 –Разидувањата сигурно ќе продолжат, но мора да наоѓаме заеднички јазик без разлика на лични и партиски суети и интереси. Од нив не очекувам да го направат истото. Дури можеби и ќе ме нападнат за овој гест, можеби некои оправдано ќе кажат дека задоцнет, но и покрај тоа, како и да се однесуваат споменатите партии, ние како партија ќе опстоиме на нашиот збор, порача Мицкоски.

Лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и претседателски кандидат Максим Димитриевски го прифати повикот на Мицкоски за национално единство, иако рече, како партија не прогласуваат мораториуми, бидејќи немаат намера и не напаѓаат политичи субјекти и водат позитивна кампања. Димитриевски додаде дека по завршување на изборите, пред да започне какви било преговори, ЗНАМ планира да излезе со декларација за дефинирање на, како што рече, „македонските црвени линии“.

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, пак, порача дека жестокоста во критиката не смее да попушти откако Мицкоски, обзнани мораториум на вербалните напади кон Левица и кон Движењето ЗНАМ.

-Не верувај им на дпмнејците, дури и кога ти носат подароци. Термометарот на жестокоста во критиката не смее да се спушти ниту за степен!, порача Апасиев преку социјалните мрежи.

Покрај за постизборните калкулации и преференции, Мицкоски во интервјуто за МИА зборува и за економските политики на ВМРО-ДПМНЕ во следните четири години, за корупцијата и „црната листа“ на САД, измените во кривичниот законик, за најавите за целосно распуштање на сегашните состави на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, како и укинувањето на балансерот, кој е во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, а го препорачува и ЕК, како резултат на скрининг процесот.

Во врска со евроинтеграциите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека се подготвени да разговараат со секого, бидејќи, како што наведува досега не биле вклучени во процесот, а доколку формираат влада за ова прашање ќе ја вклучат и опозицијата. Нагласува дека остануваат на ставот за одложена примена на уставните измени.

– Менувавме имиња, презимиња, знаме, рамковни, вакви, такви, секакви договори, за таа европска иднина и сите ни велеа уште ова само направете го и готово. Вие ќе бидете земја членка на ЕУ. Бидејќи вие не си го одржавте зборот, оваа генерација политичари во ВМРО-ДПМНЕ нема намера повеќе да влегува во таков тип на авантура. За нас гаранција е кога ќе се заврши процесот на преговори, бидејќи тогаш во заклучоците не стои дека треба да се ефективни сега или да се заврши процедурата, но имаме ние можност, правна можност, лажат тие кои викаат дека нема таква можност, има многу држави меѓу Франција, Унгарија итн., каде што имало одложено дејство на уставни измени, вели Мицкоски.

Тој уште еднаш потенцира дека вакви какви што се уставните измени нема да ги прифати, дека како човек е космополит, но оти во моментов нема причина за внесување на Бугарите во Уставот.