Не стивнуваат реакциите по објавената годишна програма на Министерството за култура. Денес повторно реагираше ВМРО-ДПМНЕ, прашувајќи ја министерката зошто не ги објавува имињата на членовите на комисијата кои за овој стручен ангажман ќе добијат дури 4,5 милиони денари народни пари. Како што истакнуваат оттаму Бисера Костадиновска-Стојчевска не кажа кои се членовите на комисиите кои се потпишале на скандалозната програма без концепт и стратегија.

-Па оттука логично се поставуваат прашањата: Дали тоа значи дека лично Костадиновска-Стојчевска ги носела одлуките при избор на проектите за Годишната програма? Кого крие и дали станува збор за уценети од членовите на комисиите кон Костадиновска-Стојчевска?, велат од партијата.

Воедно оттаму ја потсетуваат министерката дека не само што треба да ги соопштите нивните имиња, туку нејзина обврска е да ги соопшти и нивните професионални квалификации. Тие ја прашуваат и дали членот на комисијата за музејска дејност е наставник по англиски јазик и нема никаква допирна точка со музејската дејност, како и дали членот на комисијата за визуелни уметности е сè уште студент?

-Ако не знае Костадиновска-Стојчевска бидејќи до сега не била дел од културата. тогаш ќе ѝ објасниме ние, во времето на ВМРО-ДПМНЕ, пресовите на министерот при објавувањето на Годишната програма се одржуваа во присуство на сите членови на комисиите, затоа што со буџети со износи од 9.000.000 – 12.000.000 денари само во националните театри, не сме имале од што да се срамиме. Ако во времето на ВМРО ДПМНЕ имало и академици, а во најмала рака универзитетски професори, комисијата за заштита на културно наследство сега е составена од членови кои немаат ниту научно звање, а за потсетување на јавноста, минатата година член на истата комисија беше именуван наставник по биологија, додаваат од опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат и одговор од министерката дали назначената претседателка на комисијата за интердисциплинарни дејности, освен што е истакнат активист на СДСМ е и член на извршната канцеларија на Младински културен центар Битола, па прашуваат дали тоа не е конфликт на интереси, дотолку повеќе, што во оваа дејност се доделени 656.000 денари за проектот „Битола отворен град 2024“ во организација на истиот тој МКЦ.

-Притоа, голем дел на членовите на комисиите се повеќе препознатливи по својот партиски отколку професионален ангажман. Дополнително, овие лица ќе наплатат дебело за давање на своите „стручни“ мислења, односно хонорарот на 50-темина лица е околу 90.000 денари или вкупно за сите 4.500.000 денари, народни пари. Стручноста и компетентноста се плаќа и треба да биде соодветно наградена, но поставува прашањето дали сите „тајни“ членови на комисиите се навистина кредибилни и дали главниот предуслов е партиската препорака, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата повторно ја повикаа министерката да објасни за одобрениот проект на Албанскиот театар од Скопје, како дел од Годишната програма на Националните установи во меѓународна дејност, а за реализација на фестивалот „Моисиу“ во Приштина, Косово со 1.800.000 денари.

-Зошто е проектот така насловен и зошто сите останати театри кои се финансирани за учество во многу подалечни земји се поддржани со десет пати помали средства? И доколку станува збор само за учество, како тоа за 100 километри пат, Министерството издвоило 1.800.000 денари?!, прашаа од ВМРО- ДПМНЕ.

Оттаму додадоа: „Што се однесува до заедничкиот именител на „Здружението на граѓани за поинакво дејствување АРТАКТ“, „Друштво за производство, трговија и услуги ТРИЧЕТВРТИ увоз-извоз ДООЕЛ“  и Сташа Божиновска, сите од Битола, очигледно ќе мораме ние да ја информираме македонската јавност дека се работи за лице кое е директно врзано со најблискиот соработник во кабинетот на Костадиновска-Стојчевска, а зад овие „тешки“ проекти стојат имињата на неговите ќерка, сестра и вработена и прва соработничка во неговата фирма. Уште еднаш да потсетиме дека наведените проекти се финансирани од министерството за култура со над 2.000.000 денари“.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, пак ги отфрла обвинувањата и возврати дека до 2016 година кога се објавуваа конкурсите за култура на ВМРО-ДПМНЕ се објавувале без суми, без објавување на никакви детали, ниту се објавувале имињата на членовите на комисиите. Но, таа најави дека ќе ги објави имињата на членовите на комисиите веднаш.