Вкус кој не излегува од мода: Ружици, парени колачи за вистинско уживање

2930

Ружици или полжавчиња, кој како милува, се старински посни, парени колачи, кои ќе ве вратат назад во детството, кога сте им „земале мерка“ на тавите во кои се подготвувале. Прилично ги има количински, односно од една доза излегуваат две тави, или околу 40 парчиња, а за нивната подготовка ви се потребни само неколку состојки. Најубави се откако целосно ќе го впијат шербетот.

Потсетете се на вкусот на овие колачиња, нема да зажалите!

Потребни состојки: (за тесто)

  • 1 чаша топла вода (250 мл)
  • 1 чаша зејтин
  • 3 чаши гриз
  • 1 чаша брашно
  • ½ квасец
  • 3 лажици какао (темно)
  • 1 прашок за печиво
  • 1 ванилин шеќер

За шербет:

  • 1 литар вода
  • 1 кг шеќер
  • 1 лимон

Подготовка:

Се мешаат сувите состојки, брашно, гриз, прашок за печиво, а потоа се додава водата во која претходно сте го ставиле квасецот да надојде и маслото. Од смесата се меси тесто, кое ќе биде меко.

Тестото се дели на два дела, во едниот дел се става какаото и убаво се замесува додека смесата не се изедначи.

Потоа се расукува кора (правоаголна форма) од белото тесто, а потоа исто и од темното. Ставете ги тестата едно врз друго и завиткајте ги како ролат.

Исечете го ролатот на парчиња со дебелина од 1 см, а потоа парчињата легнати (малку притиснете ги со прстите да добијат округла форма), ставете ги директно во тава за печење, внимавајќи меѓу нив да има доволно место да нараснат (тавата нема потреба да се мачка со ништо, самите колачи имаат доволно масло).

Печете ги во рерна на 200 степени 15-тина минути.

Во меѓувреме ставете да се вари шербетот во кој ќе ставите парчиња лимон, и една ванила, поради поубав вкус. Шербетот нека се вари 10 минути.

Печените колачи додека се топли се прелеваат со топол шербет. Оставете ги колачите да го впијат шербетот.

Вкусот им е незаменлив!