Вештачката интелигенција заменува три милиони работни места во Германија

274
Фото: EPA-EFE/ALLISON DINNER

Со брзото воведување на системи за вештачка интелигенција (ВИ) во компаниите, многу вработени во Германија мора да се подготват за сериозни професионални промени.

Во Германија до 2030 година се очекува да се променат до три милиони работни места, што е седум отсто од вкупниот број вработени, според најновото истражување претставено во четвртокот од страна на глобалниот институт Мекинзи (MGI).

Сценариото на експертите на Мекизи претпоставува забрзано воведување на системи за вештачка интелигенција во Америка и Европа. Ова може да доведе до автоматизација на речиси една третина од работните часови до 2030 година.

До 2035 година уделот во ЕУ може да се зголеми на 45 проценти. Според проценките, би можеле да бидат потребни речиси 12 милиони промени на работни места до 2030 година во Европа и во САД.

Во Европа тоа е 6,5 отсто од сегашните работни места. Авторите го гледаат овој тренд како ризик за пазарот на трудот.

Од една страна, висококвалификуваните и натпросечно платените работни места тешко се пополнуваат. Од друга страна, можен е вишок на работници во секторот со ниски плати.

Најголеми промени се очекуваат во канцелариското работење и во управните одделенија на фирмите и јавните институции. Повеќе од која било друга промена на работното место благодарение на вештачката интелигенција (54 проценти) во Германија доаѓа од овој сектор.

Заедно со Италија, Германија е особено погодена бидејќи канцелариските работни места сочинуваат висок дел од вкупните вработувања. По нив следат услугите на клиентите и продажбата со 17 проценти и производствените активности со 16 проценти.

Во овие услови експертите од Микинзи очекуваат позитивни економски ефекти. Со забрзано воведување на вештачка интелигенција и ефективна дообука на работниците во европската економија, годишната стапка на раст на продуктивноста до 2030 година може да се зголеми на три проценти, пренесува „СиБиз“.