На 13 декември, со почеток во 21 часот во Комитет (Катна гаража „Беко“, локал 21), во организација на Установата од областа на културата КСП Центар-Јадро, ќе се одржи вечер на изведувачка поезија на современи македонски слемерки и слемери и на финскиот слемер Јухо Кууси.
Вечерта претставува финален настан на едномесечниот резиденцијален престој на слем-поетот и социјалниот едукатор од Финска, Кууси. Во рамките на резиденцијалниот престој, финскиот поет одржа серија работилници за слем-поезија и изведувачка поезија со македонски поетеси и поети. Меѓу нив учествуваа: Елена Пренџова, Сандра Авросиевска, Дамијан Каранфилов-Гулев, Даница Ивановска Лепојевиќ, Цветанка Колева, Тања Кузманоска, Игор Поп-Трајков и Светлана Купенкова. Тие ќе настапат на вечерта на изведувачка поезија со нивните нови дела создадени во рамките на работилниците. По настапот на македонските поетеси и поети, гостинот од Финска ќе има музичко-поетски перформанс, на кој ќе настапи со комбинација на неговата авторска поезија и музика.
Јухо Кууси е двократен победник на Финска во слем-поезија, со над 10-годишно изведувачко искуство. Тој предава уметност на изведување поезија на млади и возрасни во образовни институции од различни степени во Финска.