Хоџа за идната 2020 година:Ниту НАТО нема да и помогне на економијата, ако не се решат проблемите во судството 

Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа, очекува дека слична како годинава ќе биде и 2020 година, бидејќи актуелната политичката ситуација и предвремените парламентарни избори ќе го оневозможат нормалниот тек на економските процеси

259

Иако беше промовирана како година на економски раст и нови инвестиции, сепак тоа не се случи. Според претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа, економијата веќе долго време се соочува со доцнење во технолошкиот развој, примена на нови знаења и технологии кои имаат негативно влијание врз продуктивноста, конкурентноста и ефикасноста, а и 2019 не беше исклучок.

Тој смета дека многу индикатори го покажуваат овој недостиг на развој во број на битни области, ниското ниво на реализација на капиталните расходи, рамномерниот економски регионален развој и функционалноста на институциите, која се нотира во Глобалниот индекс на конкурентноста од Светски економски форум, каде што Северна Македонија се рангира на 127. од вкупно 144 места.

-Јас би истакнал дека стагнацијата во многу димензии на економијата е евидентна во однос на она што е ветено и што е постигнато. Според буџетската проекција за 2019, за капитални инвестиции беа издвоени 422 милиони евра, па потоа имаше и ребаланс на буџетот, за само 10 месеци се реализирани само 150 милиони евра, а до третиот квартал имало реализација од само 37,7% – вели Хоџа за весникот ВЕЧЕР.

Тој потсетува дека во 2019 актуелна беше и темата на дефицитот на работната сила, економската соработка меѓу државите и многу други теми, за кои владата треба да ги има на предвид забелешките и предлозите на бизнис заедницата со цел да се извлече.

Хоџа очекува дека слична ќе биде и 2020 година, имајќи предвид дека  политичката ситуација и предвремените парламентарни избори коиќе оневозможат нормалниот тек на процесите.

-Во однос на 2020 година, клучно е владата да се фокусира во повеќе реформи насочени кон економскиот раст и реализација на капиталните инвестиции, до ниво на 80% од предвидените средства. Растот ќе зависи од последниот квартал од 2019, со оглед на предизборниот период тешко е да се постигне предвидениот раст на БДП со 3,8% во 2020 година, како што предвидува Владата – укажува Хоџа и напомнува дека бизнисот во земјата ќе се соочи со пречки кои веќе се кумулативни заради не реализираните проекти од претходните години, слабиот капацитет на администрацијата и „мирувањето“ на многу институции кои не ќе можат да ги сервисираат фирмите.

Така, смета Хоџа бизнис заедницата ќе биде принудена да се откаже од развојните проекти, а тоа ќе има влијание врз економското движење, животниот стандард, вработување, странските директни инвестиции и растот на БДП.

Сепак тој е оптимист и очекува дека позитивен импулс ќе има влезот на Република Северна Македонија во НАТО.

-Сепак со проблемите во правосудството, јавната администрација и предизборието овој импулс би имал минимален ефект врз економијата- заклучува Хоџа.

(В.Ма.)