Македонската метропола повеќе не е во топ десетте најзагадени градови во светот според специјализираната интернет-страница IQAir. Денеска попладне, Скопје се најде на 56. место на оваа листа, заедно со градовите Берн, Софија, Москва, Виена и Најроби со индекс на загадување 57.
На расчистувањето на загаденоста од неделата влијае продорот на југоисточен ветер, кој го проветри градот од застоениот воздух, а прогнозата за повремен дожд во наредните часови и денови треба да влијае на тоа да се намали загаденоста.
Отскокнува единствено концентрацијата на најопасните, најситни, канцерогени ПМ 2,5 честички, особено во дел од Ѓорче Петров, која е на максимално опасните граници.
Податоците на интернет-страницата Ваки (Waki), на која Град Скопје сугерираше да се повикуваат медиумите, покажува висока и опасна концентрација на ПМ 2,5 честичките во дел од Ѓорче Петров, а нешто пониска во други населби од западните делови на Скопје.
Струмица, пак, изминатата недела беше најзагадениот град во државава. Во саботата беа активирани мерките за заштита на населението, а вчера беа прекинати, бидејќи среднодневните концентрации на РМ10 два дена биле под дефинираниот праг на алармирање од 150 мг/м3.
За енормните пикови на загадени ПМ10 честички од 300, односно 400 мг/м3, беа обвинети индустриски капацитети во Струмичката Котлина. Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) извршил вонреден инспекциски надзор, при што било утврдено дека АД за неметали Огражден ДООЕЛ Струмица на 2 и 3 декември не работело.
– Мерења на емисии и видови загадувачки супстанции во отпадните гасови што емитираат во воздухот од АД за неметали Огражден ДООЕЛ Струмица од испустите: АА2, АА3, АА4, АА5 и АА6, мерењата да се извршат од акредитирана лабораторија за животна средина.
Мерења на концентрација на прашина со големина на честичките од 10 µм (РМ 10) што се емитираат во животната средина од АД за неметали Огражден ДООЕЛ Струмица, мерењата да се извршат од акредитирана лабораторија за животна средина и извештајот да се достави до ДИЖС.
АД за неметали Огражден ДООЕЛ Струмица од акредитирана лабораторија има извршено последни мерења во јули, при што тие биле во дозволените гранични вредности.
Исто така, асфалтната база СИМ ИНЖЕНЕРИНГ ДОО Струмица и УНИВЕРЗАЛ ГРАДБА ДООЕЛ Струмица, лоцирана во индустријата Сачево Струмица, не работела и нема да биде пуштена во работа подолг временски период.
За АД индустрија за градежни материјали „Еленица Струмица“ било утврдено дека работи со намален капацитет, во викенд-деновите сабота и недела се врши само одржување на температурата на печката, кон крајот на декември ќе започне постапка за гасење на печката, за што Државниот инспекторат за животна средина писмено ќе биде известен.