На Андоновски наградата „Златен витез“ за драматургија му е доделена за книгата „Три пиеси за театарот“, преведена од Олга Панкина, позната афирматорка на македонската литература на руски јазик. Книгата на Андоновски, која на руски ја објави престижната издавачка куќа „У Никитских ворот“, ги содржи пиесите „Словенски ковчег”, „Олово на перницата” и „Граница”
Писателот Венко Андоновски ја доби највисоката награда за драматургиjа „Златен витез“ на Тринаесеттиот меѓународен книжевен форум „Златен витез“, кој од 2010 се одржува секоја година во октомври, во Русија, по повод годишнината од раѓањето на славниот руски поет Михаил Ј. Лермонтов. Награди на Форумот се доделуваат за повеќе уметнички области, а годинава пристигнале 428 дела од 12 земји.
На Андоновски наградата „Златен витез“ за драматургија му е доделена за книгата „Три пиеси за театарот“, која излезе минатата година во Москва, преведена од Олга Панкина, позната афирматорка на македонската литература на руски јазик.
Книгата на Андоновски, која на руски ја објави престижната издавачка куќа „У Никитских ворот“, ги содржи пиесите „Словенски ковчег”, „Олово на перницата” и „Граница”.
Рецензентот на изданието, рускиот писател Евгениј Водолазкин, пишува дека „нашата заедничка словенска култура се претставува тука во сосема друг свој извод“ и дека „Балканот е необично место каде што заемното проникнување на народите и културите, на митологијата и современата свест достигнуваат највисок степен“. – Сето тоа Венко Андоновски го опишува, користејќи ги зборовите на Бродски, со „кириличен знак”. Опишува со големо мајсторство и, што по мое мислење е многу важно, со блескав хумор, пишува Водолазкин.
Заблагодарувајќи им на организаторите на Форумот, Венко Андоновски истакна дека нема поголема среќа за еден писател кој доаѓа од мала, но архаична култура со ризничарски вредности како што е македонската култура, да биде удостоен со признание од најголемата православна култура во светот – руската.
– И, се разбира, една од најголемите световни книжевности и култури што воопшто некогаш се јавиле по лицето од Земјата; без руската книжевност светската книжевност не постои, како што и без руската култура не може да се испише ниедна историја на културите на човештвото. Живееме во свет, во кој сите човекови вредности се или уништени или свртени на глава. Ненормалното се прогласува за нормално, болното за здраво, потпросечното за генијално, џелатот за жртва. Ние, како писатели и уметници сме должни низ нашите дела да се молиме за зацелување и оздравување на тој болен свет. Впрочем, нашите дела, нашите песни, романи и драми не се разликуваат многу од молитвите. И во уметноста и во молитвата многу зборови се малку, а малку зборови се доволно. Другото е светска тага, светско сочувство за сите понижени и навредени, за оние на маргините. И со уметноста и со молитвата создаваме златен штит на мудроста и човекољубието спротивставувајќи му се на злото, истакна Андоновски.
Основач и претседател на Меѓународниот книжевен форум „Златен витез“ е Николаj Бурљаев, светски познат филмски артист кој, меѓу другото, ги играше главните улоги во филмовите „Иваново детство” и „Андреј Рубљов” на Андреј Тарковски и голем општествен деец. Според статутот на Фестивалот, неговата цел е поврзување на литературните дејци под девизата:„За моралните идеали, за извишување на душата на човекот“.
Да потсетиме, Олга Панкина, поетеса и преведувачка, претседател на невладината организациjа „Македонски културен центар во Москва“, како претставник на Македонија стана лауреат на 6. Меѓународен фестивал на уметностите „Степска лира“, кој се одржа во септември во станицата Новопокровска во Краснодарскиот крај, во Русија. Новопокровска годинава го славеше својот јубилеј – 195 години од основањето, а досега на овој фестивал учествувале претставници од 17 држави. Годинава пристигнаа гости од 10 земји, а сите се застапени во литературно-уметничкото списание „Степска лира“.
Панкина како лауреат на фестивалот доби Диплома за значаен творечки придонес во современата уметност, во развојот на меѓународната соработка и културните врски меѓу народите, за приврзаноста на хуманистичките традиции.
– Своја мисија гледам во популаризациjата на македонската литература и култура на руското јазично подрачје. Задоволна сум што на фестивалот имав можност да претставам како свои песни напишани на руски и на македонски, така и, што за мене е многу важно, литературното творештво на голем број врвни македонски писатели – класици, почнувајќи од Блаже Конески, и современи, млади автори. Под мото „Читај ја Македонија!“ настапив во домови за култура, центри за творештво на деца и млади, низа библиотеки и училишта. Ме израдува што на тие средби луѓето покажаа искрен и голем интерес за Македонија, за нејзината литература. Им подарив многу македонски книги, ги посочи тогаш Панкина своите впечатоци од фестивалот.
Таа истакна и дека многу успешно ги преставила делата на македонските романсиери. Тоа се 28 книги што ги има преведено од македонски на руски јазик. Станува збор за едициите: „Македонскиот роман на 21 век“ (шест книги) и „Сто словенски романи“ (пет книги) чии автори се Ермис Лафазановски, Луан Старова, Томислав Османли, Венко Андоновски, Влада Урошевиќ, Блаже Миневски, Оливера Николова, Гоце Смилевски, како и за посебни книги од автори како што е класикот Петре М. Андреевски, Драгица Најческа, претставена како автор на романот за деца, Лилјана Пандева и помладите Давор Стојановски и Ксенија Николова.
-Како и секогаш беше добредојдена и македонската поезија. Публиката буквално им се восхитуваше на песните на Блаже Конески, Матеја Матевски, Влада Урошевиќ и многу други. Среќна сум што луѓето во станиците што ги посетивме, во Краснодарскиот крај оддалечена 1200 километри од Москва и 2000 километри од Скопје се запознаа со македонската книжевност како составен дел на македонската култура. Хуманата мисија што се врши преку уметноста е непроценлива, нагласува Панкина.