Бездомничката Дабија Б. (24), со сериозни психички проблеми, е обвинета за убиство, силување и мачење на 12-годишната Лола

Француските медиуми објавуваат нови детали околу бруталното убиство на 12-годишното девојче Лола Давијет, во петокот вечерта, во Париз, чие тело беше пронајдено во куфер на улица, недалеку од зградата во која живееше со родителите.

За нејзиното убиство обвинети се Дабија Б, 24-годишна бездомничка со потекло од Алжир и маж (40), кој се товари за соучесништво во делото. Пред истражен судија вчера беше изведена Дабија Б. Бездомничката Дабија, со сериозни психички проблеми, е обвинета за убиство, силување и мачење на 12-годишната Лола.

Безбедносните камери во зградата во која живеела Лола ја снимиле како влегува во зградата по враќањето од училиште во петокот. Со неа во зградата влегла и жена, а очевидците тврдат дека подоцна од зградата излегла со куфер во раце. Жената од видеото побарала помош од нив за тешкиот куфер и дека ѝ помогнале да го однесе до автомобилот. Тврдат и дека ја виделе како купува кроасан. Во тоа време се верува дека во нејзиниот куфер било телото на малото девојче.

Осомничената Дабија била уапсена во саботата наутро. Медиумите јавуваат дека во текот на истрагата се уапсени шест лица, меѓу кои и бездомникот кој го пронашол куферот со телото на девојчето. Двајца од приведените биле ослободени во текот на викендот, додека полицијата ја привела Дабија, нејзината сестра, родени во 1996 и 1998 година, како и двајца мажи на возраст од 40 години. Еден од нив се товари за соучесништво во делото, поточно за помагање на Дабија да го пренесе куферот со телото.

Да потсетиме, откако во петокот Лола не се вратила од училиште, нејзините родители ја алармирале полицијата и почнале да ја бараат. Во саботата вечерта бездомник го пронашол телото во куфер на улица. Лицето ѝ било покриено со селотејп лента, грлото наводно ѝ било пресечено, а обдукцијата утврдила дека причина за смртта е задушување. Медиумите пишуваат дека на телото на девојчето биле испишани два броја – 1 и 0. Засега никој не знае што значи тоа.