Оваа музичка драма, симфонија на страста и моќта, режирана од Пламен Карталов, кој воедно е и директор на Софиската опера, беше дочекана со голем интерес од македонската публика откако беше најавена како најексклузивен настан од програмата на 52. издание на „Мајските оперски вечери“, а билетите беа продадени неколку дена однапред

Музичко-сценска магија, која се памети и бурни аплаузи од публиката, крената на нозе. Величествената „Валкира“, една од музички најбогатите опери, епска приказна за војната, стравот, храброста и љубовта на воините, боговите и нивната судбина, во изведба на Софиската опера и балет, беше проследена од македонската публика со огромен интерес. Публиката, викендов, поточно на 18 мај, за прв пат во историјата на постоењето на македонската Опера и балет имаше можност да присуствува на изведбата на ова дело на германскиот композитор и оперски реформатор, Рихард Вагнер. Во полната сала на Националната опера и балет во Скопје, четиричасовниот сценски спектакл во три чина беше проследен со особено внимание од присутните, меѓу кои беше и македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова.

Оваа музичка драма, симфонија на страста и моќта, режирана од Пламен Карталов, кој воедно е и директор на Софиската опера, беше дочекана со голем интерес од македонската публика откако беше најавена како најексклузивен настан од програмата на 52. издание на „Мајските оперски вечери“, а билетите беа продадени неколку дена однапред.

За каков спектакл се работи, зборува и фактот што од Софија во Скопје пристигна тим од над 100 члена, оперски солисти, оркестар, хор и балет.

Токму театарски и музички силната изведба на „Валкира“ создаде посебна магија, која беше присутна од почетокот до самиот крај на претставата, а особено беше впечатлива  музичко-сценската изведба на „Касот на Валкирите“.

Во главните улоги, публиката ги виде извонредните оперски солисти со моќен глас: Томас Хол како Вотан, Маријана Цветкова – Фрика, Мартин Илиев – Зигмунд, Ангел Христов – Хундинг, Гергана Русекова – Брунхилде, Цветана Бандаловска – Зиглинде…

Со оркестарот диригираше маестро Еван Алексис Kрист од САД, а сценографијата, која ја воодушеви присутната публика со своите визуелни решенија, е на Ханс Кудлих. Сценските ефекти и играта на светлото ја надополнија и ја збогатија прекрасната атмосфера, која ја држеше публиката сконцентрирана на изведбата.

Самото гостување е резултат на плодната соработка на двете оперски куќи и на двете министерства за култура, а оваа културна дипломатија во септември ќе резултира со гостување на македонската Опера и балет во Софија.

Културната дипломатија е посилна од традиционалната

„Културната дипломатија е посилна од традиционалната“, им кажа македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова на бугарските новинари во Скопје, пред почетокот на оперската претстава „Валкира“, што беше посочено од бугарските медиуми. Како што пренесува БНТ, на прашањето дали нејзиното присуство во салата е чекор кон затоплување на односите меѓу Софија и Скопје, македонската претседателка Сиљановска-Давкова посочила дека инсистира на културна дипломатија, а директорот на Академијата за опера и балет во Софија, Пламен Карталов, го дефинирала како исклучителна личност.

Тие разговарале и лично во салата.

„Тоска“ на сцената на МОБ

Во рамките на престижните „Мајски оперски вечери“, на 23 мај (20 часот), ќе биде изведена операта „Тоска“ од Џакомо Пучини. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечки драмски елементи во овој „оперски трилер“. Паоло Бресан од Италија е диригентот, а режијата е на Огњан Драганов (Бугарија). Сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска. Хор-мајстори се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски. Во насловната улога ќе настапи нашата оперска првенка, Весна Ѓиновска-Илкова, во улогата на сликарот Каварадоси – тенорот Никола Китановски, како „злобниот Скарпија“ ќе го видиме гостинот од Романија, Лусијан Петреан, додека нашиот бас Владимир Саздовски ќе го толкува Анџелоти. Во другите улоги ќе настапат: Драган Ампов, Јане Дунимагловски, Тихомир Јакимовски, Димитар Кожухаров, Десанка Глигоријевиќ, Мирослав Антовски, заедно со хорот и оркестарот. (Д.Т.)                 

Фото: ФБ на НОБ