Битолскиот Широк сокак ќе ечи со евергрин-хитовите од Тоше Проески, Драган Каранфиловски-Бојс и Кире Костов

2105

Не пропуштајте го спомен-концертот!

„На минус 23″, „Опасно сум вљубен во тебе“, „Наташа од трето три“, „Летај галебе мој тажен“, „Кога те нема“, „Твоите очи, сине“, „Само сеќавања“, „Синот божји“….се само мал дел од песните преку кои битолччаните ќе се вратат во едно друго и можеби поубаво музичко време

Се наближува тој 16 февруари кога во Битола сè ќе биде во знакот на песните на големите македонски легенди, за жал, починати. Но тие се само физички заминати од овој свет, а се што потсетува на нив, тоа останува.

Станува збор за композиторот и хит-мејкер Кире Костов, за пејачот Драган Каранфиловски-Бојс и за ангелот Тоше Проески. Концертот е симболично наречен „Засекогаш во срцата“, а ќе се одржи во битолскиот Центар за култура, од 19:30 часот, во организација на Битолскиот камерен оркестар.

Публиката која покажува огромен интерес ќе има можност да ужива во музиката на овие тројца легендарни имиња од нашата музичка сцена. Интересно е што во ова време на скапотија влезниците ќе бидат по симболична цена од 400 денари. За Тоше нема што да се кажува, сè е познато. Неговите песни и понатаму се слушаат низ целата поранешна Југославија, а самата Битола за крушевскиот ангел има посебно значење. Во градот под Пелистер тој го започна своето музичко школување, пеење и патување.

Драган Каранфиловски-Бојс почина рано, на 59-годишна возраст, во 2015 година. Освен како пејач, тој воедно и создаваше песни од кои многу станаа хитови, како на пример: „Бели нарциси“, „Лулај ме нежно“, „Валерија“, „На минус 23″ и најпознатиот „Опасно сум вљубен во тебе“, како и оние детските: „Наташа од трето три“, „Ало амбуланта“, „Зоки ме моли да се возиме“, „Боби, баш ми е гајле“.                                  Бојс е автор и на рефренот на песната „100% те љубам” со групата “XXL”, која во 2000 година ја претставувала Македонија на „Евросонг“.

Многу омилениот наш композиторот Кире Костов почина лани во јуни, на 73-годишна возраст. Тој има напишано што се вели „еден тон“, слушани песни меѓу кои и: „Летај галебе мој тажен“, „Кога те нема“(првата победничка на „Макфест“), „Синот божји“, „Што те нема“, „Тајно моја“, „Илузија“, „Само сеќавања“, „Манастирски сон“, „Моја Битола“, „Охридски спомени“, „Бела птица“, „Кој да ти каже“, „Ти пеам песна“, „Рум, дум, дум, дум“ , „Твоите очи, сине“….