Неколку романи на прославената Агата Кристи се ревидирани од издавачите со цел да се отстранат расистичките описи или имиња од текстот.
Мистериите за познатиот детектив Херкул Поаро или приказните за Мис Марпл напишани помеѓу 1920 и 1976 година се меѓу новите, ревидирани изданија кои се без навредливи расистички зборови и описи, особено во деловите каде што се појавуваат ликови кои не се од Велика Британија, пишува магазинот Rolling Stone.
Британскиот весник „Гардијан“ претходно објави дека се направени ревизии и промени на текстот на дигиталните и новите печатени изданија на целата серија романи на „Мис Марпл“ и на романите на Детектив Поаро на Харпер-Колинс.
Меѓу исфрлените зборови се најдоа и оние кои ги опишуваат ликовите како „црнци, евреи или цигани“, а наместо терминот „домородец“ се користи зборот „локален“.