За мерките од деветтиот пакет антикризни мерки предвидени се пари во Буџетот за 2023 и во Предлог-буџетот за 2024 година. Тие нема да се финансираат со задолжувања, туку преку приливи во буџетот од јавни давачи. Ова го потенцира министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Според него мерките не се финансираат со кредитирање, затоа што буџетот како што е кроен во 2024 година, задолжувањето, односно дефицитот е понизок од капиталните расходи кои се на ниво од 733 милиони евра, а дефицитот е на ниво од 545 милиони евра.
-Од тие 545 милиони евра, речиси 300 милиони евра се за плаќање на камати за вкупното задолжување во досегашниот период, вели Бесими и додаде дека ова ќе се финансира од средствата што се приливи врз основа на јавни давачки од страна на граѓаните и стопанството.