Белград го објави Извештајот за преговарачкиот процес со Приштина од 1 септември минатата до 15 јануари оваа година

49

Извештајот на српската Влада за преговарачкиот процес со Приштина е доставен до пратениците, соопшти Парламентот во Белград, јавија српските медиуми.

„Извештајот за преговарачкиот процес со институциите на привремената самоуправа во Приштина“ што Владата на Србија го достави до пратениците, се однесува на периодот од 1 септември 2022 година до 15 јануари 2023 година, објавен е на веб-страницата на Собранието на Србија.

Претходно медиумите објавија дека пратениците на 2 февруари треба да расправаат за Косово и оти во работата на седницата ќе учествува и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

„Иако кризата во дијалогот меѓу Белград и Приштина систематски се развиваше и се продлабочуваше од 2018 година, во овој извештајен период таа несомнено ја достигна својата крајна ескалација. Единствената одговорност за ваквиот развој на настаните неспорно ја носат сегашните Привремени институции на самоуправа во Приштина, која од доаѓањето на Албин Курти на власт ја интензивира систематската дискриминација на Србите, со упорно одбивање да ги спроведе и прекршува речиси сите договори“, се наведува во текстот на извештајот.

Се додава дека во текот на извештајниот период акцијата на Приштина на терен „драстично се интензивирала преку брутално насилство и закани за употреба на насилство врз Србите на Косово и Метохија“.

Како што се посочува, властите во Приштина целокупните активности од септември 2022 година направија решителен обид да создадат околности што ќе им овозможат формално да си го обезбедат „правото“ да го избегнат спроведувањето на обврските од досега склучените договори од Дијалогот, но и со наметнување еднострани решенија на терен.

„За степенот на загрозеност на Србите говори и фактот што во изминатите четири и пол месеци се забележани 69 етнички мотивирани напади, што сочинува вкупно 35 отсто од вкупниот број вакви напади врз Србите откако Курти дојде на власт“, се вели во извештајот.

Српската страна ќе продолжи да инсистира на приоритет и итно исполнување на обврската за формирање Заедница на српски општини.

Извештајот дава преглед на состојбата по теми за кои досега се разговараше во дијалогот.

Во периодот на кој се однеува извештајот не е постигнат формален напредок во однос на формирањето на Заедницата на српските општини, а се посочува дека Белград побарал од посредникот без одлагање да ја исполни таа обврска на Приштина.

Во врска со преговарачкиот процес се одржани повеќе од 50 различни состаноци кои се водени пред се со претставници на ЕУ, но и на меѓународни организации и други земји кои повремено се занимавале со прашања поврзани со дијалогот.

Се наведува и дека кредибилитетот на српската страна како доверлив партнер посветен на нормализацијата на односите е зачуван и значително подобрен, со што се попречени „злонамерните намери на Приштина да го прикаже Белград како наводен извор на нестабилност во регионот“.