Белгиските вафли се една од најстарите слатки во историјата. Се продаваат насекаде по светот, а многу е лесно да ги направите и дома. Нема кој не ги сака оти нивната најдобра страна е што можат да се јадат со различни додатоци – и солени и слатки. Ова е приказната за нив.

 

Некои сметаат дека почетоците на вафлите датираат од Античка Грција, а Грците ги нарекувале „обелиос“. Тоа биле топли колачиња-лепчиња што се печеле меѓу две врели метални плочи.

Подоцна готвачите смислиле да им додадат шара, па со мед и цимет цртале врз нив. На почетокот на ова дизајнирање на вафлите биле цртани библиски сцени или грбовите на богатите семејства кои ги порачувале за своите гозби.

Првиот запис за вафлите, според некои извори, датира од 9 век и станува збор за запис за калапот со кој се правеле овие колачиња. Следниот забележан податок е од 14 век кога е сочуван првиот рецепт за правење вафли. Но, нивната вистинска популарност започнува во 16 век.

Во тоа време главна стопанска гранка во Белгија било земјоделството – јачменот и зобот биле многу лесно достапни – па тоа го поттикнало правењето вафли кои задолжително се продавале на панаѓурите и на штандови по улиците.

Првата дистанца од 2 метра

Според еден извор, францускиот крал Шарл Деветти морал да воведе закон со кој продавачите ги обврзал штандовите да им бидат на растојание од најмалку 2 метра, а целта му била да се избегнат караници и тепачки кои неретко избивале поради меѓусебна конкуренција.

Легендата вели дека белгиските вафли ги измислил готвачот на Принцот бискуп од Лиеж, откако принцот побарал да му направи некоја нова слатка. Готвачот се обидел со нов вид бриоши печени во калап, но се досетил во тестото да додаде и малку ванила и токму тоа најмногу му се допаднало на принцот.

Подоцна вафлите стасале и до Америка, а таму ги однеле холандските иселеници во 1620 година. Тие во новата колонија јаделе вафли со чоколадо, а првиот рецепт објавен во тамошен весник за тоа како се прават датира од 1735 година.

Наводно и Томас Џеферсон, главниот автор на Декларацијата за независност и еден од основачите на САД, како и трет претседател, пробал вафли во Париз и во Америка однел калап за правење вафли. Во неговиот дом се послужувале вафли на приемите, а наводно остатокот од тестото или бело брашно им давал и на робовите за да може да си подготват вафли.

Во периодот од 1800 до 1900 почнува масовното производство и комерцијализацијата на вафлите. Подоцна се појавуваат и електрични апарати за нивно печење. Нејсе, како и да е, можете и вие да се почестите со оваа убавина. Еве како се подготвува според оригиналниот рецепт.

Потребно е:

  • 200 g брашно
  • 60 g пченкарен скроб
  • 1 лажичка прашок за печиво
  • 1/2 лажичка сода бикарбона
  • 1/2 лажичка сол
  • 400 mL јогурт
  • 100 mL млеко
  • 6 лажици растително масло
  • 1/2 лажичка екстракт од ванила
  • 2 големи јајца
  • 3 лажици шеќер

Подготовка:

Во длабок сад се меша брашното, пченкарниот скроб, прашокот за печиво, сода бикарбона и сол. Во средината се прави мала вдлабнатина.

Во друг сад се мешаат млекото, маслото, екстрактот од ванила, жолчите на собна температура и јогуртот, додека смесата да се изедначи.

Во трет сад со миксер се матат белките, постепено се додава шеќер сѐ додека не се добие густа и цврста смеса или снег од белки.

Сега во првиот сад со брашното се додава смесата од млеко и јогурт и се меша додека состојките не се врзат, а потоа пополека се додава снегот од белки.

Вафлите се печат и се служат топли.