Бектеши: Топланите Исток и Запад до крајот на месецов ќе работат само на природен гас

62

Топланите „Исток“ и „Запад“ до крајот на месецов ќе работат само на природен гас. Енергенсот е обезбеден заклучно со ноември, а за следниот месец ќе се прави нова нарачка. Ова го најави министерот за економија Крешник Бектеши, за кого приорите е „да не се доведеме во ситуација да користиме алтернативно гориво за топланите ‘Исток’ и ‘Запад’, а ако ‘Скопје- Север’ работи со мазут или со дизел, тоа треба да биде согласно со процедурите“.

– Во Законот е предвидено дека треба да има алтернативно гориво за производство на топлинска енергија, а тоа може да биде мазут или дизел, но кога ќе се користи тоа, секако дека треба да се запазат процедурите во државава и согласно со лиценцата, да се стават во функција ако е потребно. За нас, приоритет е да не се доведеме во таква ситуација да треба да користиме алтернативно гориво за „Исток“ и за „Запад“, со кои ние менаџираме како држава преку ЕСМ. Во делот на „Скопје-Север“ има Инспекторат за животна средина ако во случај работи со мазут или со дизел, освен природен гас, да ги проверат нивните лиценци и процедурите како ги ставиле овие енергенси во функција – рече Бектеши.

Тој потсети дека топланата „Скопје-Север“ е во сопственост на АД Топлификација. Дадовме две понуди. Првата е да се склучи договор за деловно-техничка соработка, а втората е да се склучи договор со „Адаора“ која е, исто така, приватен субјект за закуп на топланата како што направивме за Скопје – Исток и за Скопје  – Запад. Немаме повратен одговор од раководството на „Скопје-Север“ – потенцира Бектеши.

Во случај топланите „Исток“ и „Запад“ да се префрлат на користење мазут или дизел, ќе се следат сите процедури во делот на животната средина со Инспекторатот за животна средина, Министерството за животна средина и со другите надлежни институции. Тој уверува дека граѓаните треба да бидат спокојни, затоа што нема да има никаков проблем во делот на снабдувањето со електрична и со топлинска енергија.