Барса најде начин за да се освети за Фиго

150

Ако се остварат најавите кои пристигнуваат од Шпанија, тогаш во финишот од зимскиот преоден рок ќе бидеме сведоци на уште еден спектакуларен трансфер. Репрезентативецот на Шпанија, Марко Асенсио, сака до крајот на јануари да ги напушти редовите на актуелниот европски клупски шампион, тимот на Реал (М), а следна негова дестинација можно е да биде вечниот ривал, каталонскиот гигант Барселона.

Челниците на „кралскиот клуб“ не кријат дека сакаат да ја продолжат соработката со крилниот напаѓач, но доколку остане на „Сантијаго Бернабеу“, Асенсио ќе има далеку помала плата. Таквата понуда ни малку не му се допаѓа и затоа ги разгледува сите опции, но поради фактот дека сега е дел од агенцијата на Жорге Мендеш, се погласни и погласни се шпекулациите дека „Ноу Камп“ ќе биде следната негова дестинација.

Како што пренесува каталонскиот весник „Спорт“, челниците на Барса веќе оствариле директен контакт со Асенсио и се ќе биде појасно во следните неколку дена. Едно е сигурно, крилниот напаѓач сигурно ќе биде предмет на критики поради одлуката да се пресели во редовите на вечниот ривал, а најверните фанови на Реал (М) сигурно нема да му го простат таквиот потег.

Асенсио, кој има 27-години, се пресели во Мадрид во 2015 година од тимот на Мајорка, а го има носено и дресот на Еспањол.  Во изминатата сезона одигра 22 натпревари на кои постигна три погодоци и запиша пет асистенции.

Кога се во прашање заминувањата од „Сантијаго Бернабеу“, шпекулацијата на шпанските медиуми околу францускиот интернационалец Едуард Камавинга, експресно беше демантирана од неговиот агент, Џошуа Барнет.

  • Нема ништо точно во шпелулациите кои се шират во Англија. Нормално, секој клуб во светот би сакал да го има и Едуард во своите редови, но мојот клиент е многу задоволен во Реал (М), а и Реал (М) е многу задоволен од Камавинга, изјави Барнет.

Британските медиуми ја пласираа и информацијата дека лидерот во Премиер лигата, тимот на Арсенал, сака да го позајми Камавинга до крајот на актуелната сезона, но од тоа нема ништо.