„Од денес, со одлука на директорот на МКЦ Арбен Шаќири, институцијата повеќе неможе да ги извршува своите дејности поради отпуштање на 30 лица кои хонорарно биле ангажирани, некои и со повеќегодишни договори. Во МКЦ, повеќе нема да се организираат настани сè е до завршувањето на изборниот процес, или поточно нема да се реализираат во нормални услови или со нормален капацитет како во регуларна ситуација“, соопштија од Младинскиот културен центар.

Како што наведуваат оттаму, одлуката е базирана врз писмо со препорака доставено до МКЦ од страна на Комисијата за спречувауње на корупција во која се вели дека во тек на изборниот процес не смее да се склучуваат договори со кои би се злоупотребиле буџетски средства.

„Во суштина, договорите кои се прекинати воопшто не се поврзани со користењето на буџетските средства, туку се однесуваат на соработници кои генерираат приход и истите соработници се исплаќаат од генерираниот сопствен приход. Одлуката која ја донел директорот е едострана и неоснована, уште повеќе штетна за институцијата која ако не работи во наредните неколку месеци, ќе се нанесе непоправлива штета на долг рок. МКЦ досега се соочил со мноштво изборни процеси во кои биле ангажирале лица согласно законските насоки. Дополнително, институцијата во 2023 е доведена во незавидна финансиска положба и без програмата која носи приход, е невозможно да се намалат милионските долгови продуцирани во толку краток период“, додаваат од МКЦ.

Како истакнуваат понатаму во соопштението, од денес, во МКЦ повеќе нема да се ангажираат лица за предавања во Планетариумот, лица за реализација на програмските активности (технички лица и орагнизатори на настани), кафулето е целосно затворено, затворена е и Апотеката, додека киното Милениум ќе работи со преполовена дејност.

Арбен Шаќири беше назначен за директор на МКЦ во јануари 2024 година со одлука на Градоначалничката на Градот Скопје после неколку неуспешни обиди. Претходниот в.д директор на МКЦ, Никола Алексов во два наврати се докажа дека е незаконски назначен како вршител на должност, по одлука на Управниот суд.