Антологиското дело „Турска бања“ од Сава Шумановиќ, сопственост на македонската Националната галерија, кое спаѓа во категоријата културно наследство од особено значење, заедно со делата од Франција, Србија и Хрватска, е изложено во Нови Сад, Европската престолнина на културата за 2022. Сликата е претставена во рамките на изложбата „Сава Шумановиќ и европскиот реализам меѓу двете светски војни“. За прв пат публиката има можност во живо да ги види делата како „Капачи“ од француските музеи Хонофлер и Ларошел, „Шидијанки“ и „Пристанишен агент“ на Националната галерија на Музејот на модерна и современа уметност од Риека.

„Ваквите претставувања отвораат врати за идни билатерални соработки помеѓу нашите земји. Особена чест и задоволство е за Националната галерија да биде дел од ваков исклучителен настан. Значението на учеството е дотолку поголемо бидејќи ние како институција партиципиравме и овозможивме пред српската и пошироката публика за првпат да биде прикажана „Турската бања“, дело на Сава Шумановиќ, од периодот меѓу двете светски војни (1926 г). Уметничката критика ова дело го детерминира на самиот врв од неговиот опус со карактеристичен поетски реализам и умерен колористички експресионизам“, истакна директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова-Ќерими.

Стручниот тим на Националната галерија ова дело го категоризира како антологиско и спаѓа во категоријата културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење.

„Неговиот ран уметнички стил се карактеризира со влијанија главно од кубизмот, но исто така и фовизмот и експресионизмот. Во неговите подоцнежни дела, Сава Шумановиќ успеал да развие свој, прилично оригинален уметнички израз. Поради иновациите и единствениот стил, Шумановиќ може да се опише како еден од најистакнатите српски сликари во 20 век, како и главен сликар од Кралството Југославија. Во текот на 1926-1927 година стилот на Шумановиќ станува помек, односно цврсто вајаните налик на скулптурални форми стануваат помеки, а во прв план продираат дотогаш непозната сетилност, поезија на боите и мазната атмосфера на Ориентот, поттикната, меѓу другото, и од личните дијалози со Матис“, велат од Националната галерија.