Во следните денови ќе се задржи променливо облачно време, повеќе сончеви периоди ќе има во западните делови, најавуваат од Управата за хидрометеоролошки работи. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието и во источните делови засилен ветер од северен правец. Во недела облачноста ќе се зголеми и ќе има услови за слаб снег на планините и на некои од повисоките места. Температурите ќе бидат во опаѓање.

Во понеделник времето ќе биде променливо облачно и ветровито, претпладне со врнежи од дожд. Во текот на ноќта кон понеделник под влијание на продор на студена воздушна маса од север ќе почне да дува засилен северен ветер што во првите два дена од работната седмица ќе услови значително намалување на дневната температура за повеќе од десет степени.  Така, во вторник ќе биде облачно и уште постудено со повремени врнежи преку целиот ден, особено во јужните делови. Од среда ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди и со пораст на дневната температура.

Од друга страна пак, според сегашните временски параметри почетокот на февруари повеќе ќе личи на почеток на пролет со највисоки дневни температури од 10 до 15 степени Целзиусови, вели српскиот метеоролог Иван Ристиќ.

Според него од 5 февруари започнуваат временските промени во Европа, центарот на антициклонот ќе се движи кон Велика Британија и Атлантикот, а потоа кон Исланд. Циклонската активност пак, ќе се движи кон Русија, што ќе предизвика прилив на студен арктички воздух во северниот дел, и дел од централна Европа.

„Во исто време се создава блок во Атлантикот додека индексот МЈО влегува во неутрална фаза, така што оваа структура на метео полето ќе трае уште малку“, истакна Ристиќ. Значи со почетокот на втората декада, најдоцна до средината на февруари зимата ќе се врати во нашите краеви. Температурите повторно ќе бидат околу нула степени Целзиусови и ќе има услови за врнежи од снег, поточно колкав снег и ледени денови ќе има, повеќе ќе знаеме во наредните денови кога моделите ќе почнат да ги најавуваат овие промени“, додава тој.

Генерално, температурите се сосема невообичаени за овој период од годината, вели метеорологот Ристиќ, а тоа го објаснува со антициклонот кој доминира во Европа.

„Зевс, антициклонот кој ја победува зимата со температури никогаш толку високи за месец јануари. Па, да. Зимската судбина е запечатена, барем во следните десет дена, кои ветуваат дека Грција ќе биде погодена од ефектите на „кралот на Олимп“, односно Зевс. Зевс ги контролира атмосферските феномени и како татко на боговите е единствениот кој може да ја победи зимата. Затоа го нарековме така овој моќен африкански антициклон, кој потекнува од срцето на Сахара, која го движи својот центар на гравитација кон Централно-Западна Европа: моментално неговото срце чука во близина на Пиринејскиот Полуостров, но неговите ефекти јасно ќе се почувствуваат и во Италија“, посочи Ристиќ.