Американскиот министер за одбрана бил итно пренесен во болница

386

Американскиот министер за одбрана Лојд Остин (70) итно бил пренесен во воена болница во Вашингтон поради проблеми со мочниот меур, соопшти Пентагон.

Пентагон во своето соопштение наведува дека Остин бил пренесен во болница поради симптомите што ги има, а кои укажуваат на проблеми со мочниот меур.

За хоспитализацијата на министерот за одбрана биле информирани властите, Белата куќа и Конгресот.

И покрај неговите здравствени проблеми, Остин ќе ги задржи сите функции и одговорности во кабинетот на американскиот претседател Џозеф Бајден, соопшти Пентагон. Доколку ситуацијата го бара тоа, должностите на Остин ќе ги преземе неговиот заменик и тој е подготвен на тоа, се додава во соопштението од Вашингтон.

Неодамна јавноста дозна дека американскиот министер за одбрана боледува од рак на простата. Тој беше подложен на тајна операција во декември, а се покажа дека ја криел болеста не само од Американците, туку и од претседателот Бајден.

Тоа што Пентагон не објави дека Остин првпат бил хоспитализиран и дека највисоките функционери со денови не знаеле за тоа, укажува на недостиг на транспарентност во однос на болеста на Остин, како и на тоа колку е сериозна.

Таквата тајност не е практика кога станува збор за високи американски функционери и членови на кабинетот.

Остин ја презеде одговорноста за криењето на дијагнозата и јавно им се извини на Бајден и на американскиот народ.