Амбулантите и болниците ќе работат за време на министерскиот состанок на ОБСЕ

49

Министерството за здравство информира дека одлуката 29 и 30 ноември да бидат неработни денови за сите вработени во државната и јавната администрација во Скопје поради одржувањето на 30. министерски состанок на ОБСЕ не важи за вработените во здравствените установи.

Здравствената заштита ќе се одвива континуирано и непрекинато за сите пациенти како и досега, и истата нема да влијае на достапноста на здравствена заштита на населението.

Поради одржувањето на овој важен министерски состанок, медицинските установи се задолжени во овие денови да имаат обезбедено дежурни лекарски екипи и друг медицински персонал со потребни простори и опрема за укажување на медицинска помош, односно да бидат во состојба на подготвеност со своите капацитети.

Правните лица со дејност здравствена заштита лоцирани во Скопје, потребно е мерката прва медицинска помош да ја извршуваат во согласност за стандардните оперативни процедури на Дирекцијата за заштита и спасување.

Триесеттиот министерски состанок на ОБСЕ ќе биде 24 часа покриен со присуство на екипи и од Итната медицинска помош.