Албанскиот буџет годинава помал за 600 милиони долари

23

Во државниот буџет на Албанија годинава има 600 милиони долари помалку во споредба со минатата година, потврди албанската министерка за финансии Анила Денај.

Гостувајќи на телевизијата Топ ченал, таа ја оцени 2020 како многу тешка година за финансиите на државниот буџет и за албанските семејства.

Според неа, на ова несомнено влијаела глобалната пандемија на Ковид-19, но и катастрофалниот земјотрес кој ја погоди земјата на 26 ноември 2019 година.

– Приходите се намалија оваа година. Се намали и бруто домашниот производ. На крајот на годинава предвидуваме намалување на приходите за 60 милијарди леки или околу 600 милиони долари, до крајот на ноември тоа е 56 милијарди леки. Ова е во рамки на предвидувањата, но е значителна сума, истакна Денај.

Таа додаде дека една третина од оваа разлика е од одложувањата на даноците што беа направени за да им се помогне на деловните субјекти во текот на месеците во карантин и најави рецесија од шест отсто.

– Од статистиката сме во рамки на предвидувањата до целосна рецесија до крајот на годинава. Само третиот квартал е на ниво од 3,47 отсто. Се уште немаме податоци за декември и ќе го чекаме резултатот за четвртиот квартал, додаде министерката.

Рецесијата во перидот јануари-септември е во рамки на предвидувањата од шест отсто, рече Денај.