Акција за чистење на „дивата” депонија пред кумановската населба „Перо Чичо”

220

Екипи на Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило” и приватни општествено-одговорни компании, денеска со механизација ја чистат „дивата” депонија пред влезот на кумановската населба „Чистота и Зеленило”.

Според проценките на надлежните, се очекува да бидат изнесени 15 камиони смет.
Депонијата која ја создаваат несовесни граѓани, но и превозници, се чисти неколку пати годишно и претставува горлив проблем за надлежните институции. Често во летните месеци се пали, се шири непријатна миризба и се загадува воздухот.

-Ова е еден од горливите проблеми на Куманово, редовно се создава депонијата, иако постојано се чисти. Имаме соработка со СВР Куманово и надлежните инспекциски служби и веќе од понеделник ќе се почне со сериозни мерки, казнување на граѓаните кои фрлаат смет на оваа локација и на превозниците кои тука фрлаат кабаст отпад, изјави директорот на претпријатието, Даниел Стојчевски.

Превозниците, рече Стојчевски, имаат можност по поволна цена да го депонираат сметот на соодветна локација, но тие не се придржувале кон правилникот донесен од општина Куманово.

-Депонијата предизвикува сериозни пробеми ја загрозува животната средина на граѓаните од околните населби особено кога се пали сметот. Противпожарната единица реагира многу често овде, дополни Стојчевски.

На оваа локација има и времен сообраќаен режим и се изведуваат градежни активности, реконструкција на постоечкиот мост во рамки на рехабилитација и реконструкција на железничката пруга Куманово-Бељаковце, дел од проектот за рехабилитација на Железничкиот коридор. Надлежните од „Чистота и Зеленило” веќе разговарале со претставници од компанијата изведувач да се постави заштитна ограда на ова место.

Стојчевски информира дека по долги години првпат годинава со успешно менаџирање на претпријатието, оваа лето нема пожар на депонијата „Краста” во близина на селото Пчиња.