Азербејџан со Бугарија ќе трампа гас за струја

47

Претседателот на Бугарија Румен Радев денеска соопшти дека добил писмо од четири оператори со гас од Бугарија, Романија, Унгарија и Словачка, кои нудат транспорт на гас од Азербејџан според договорот што Баку го потпиша со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Ова ќе овозможи наместо да се чекаат инвестиции во инфраструктурата долж Јужниот гасен коридор, преку користење на интегрираните мрежи на четири земји гасот да стигне до Централна Европа, рече Радев на заедничката прес-конференција со неговиот азербејџански колега Илхам Алиев.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Радев, за ова прашање ќе се разговара во сабота на средбата со претседателите и премиерите на Северна Македонија, Србија, Грција и Романија, Стево Пендаровски, Александар Вучиќ, Константинос Мицотакис и Николае Чука, а ќе биде организирана и средба на високо ниво во текот на наредниот месец.

Радев и Алиев разговарале за директно снабдување со гас од Азербејџан за индустриските производители на ѓубрива, полимери, стакло во Бугарија, како и за тоа двете земји заедно да настапат на  трети пазари и да го споделат профитот. Така, според Румен Радев, ќе се заштеди во транспортот и директно ќе се учествува на европските пазари, а тоа ќе биде олеснување и за „Булгаргаз“.

За време на посетата на претседателот Илхан Алиев ќе се разговара за можноста за дополнителни количества нафта и гас од Азербејџан за Бугарија, а за возврат Софија да извезува струја во Баку преку Турција.

Алиев го нарече отворањето на гасната врска меѓу Бугарија и Грција историско достигнување и можност азербејџанскиот гас да стигне до Европа во поголеми количини и потсети дека неодамна беше потпишан меморандум меѓу Баку и ЕК и додаде дека Азербејџан двојно ќе го зголеми производството и извозот кон Европа.

– Имаме ресурси, 2,6 трилиони кубни метри гас. Имаме многу можности за снабдување преку разновидна инфраструктура, рече Алиев.

Тој исто така кажа дека со Радев разговарале за отворање претставништво на азербејџанската државна гасна компанија „Сокар“ во Бугарија.  Алиев потсети и на декларацијата за стратешки партнерство потпишана меѓу Азербејџан и Бугарија во 2015 година.