Ажурирани правилата за чуда и визии: Ватикан предупреди за вишок фантазија – им штети на верниците

89

Ватикан ги ажурираше своите правила во врска со натприродните настани, признавајќи дека прекумерната фантазија и „лагите“ ризикуваат да им наштетат на верниците.

Новите стандарди, кои ги објави Дикастериумот (еквивалент на министерство) за доктрината на верата и кои ги одобри поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, фаворизираат „повнимателно“ толкување на необјаснивите појави.

– Во одредени околности, не е сè црно-бело. Понекогаш е можно божеската појава да се измеша со човечките мисли и фантазии – изјави во петокот, за новинарите, кардиналот Виктор Мануел Фернандес, кој раководи со Дикастерумот.

Новите упатства доаѓаат по два месеца откако објави Црквата дека некои феномени се лажни, вклучително и „чудото дека статуата на Богородица влијаела на зголемувањето на големината на некоја пица“.

Тие правила, ажурирани првпат од 1978 година, им обезбедуваат средства и алатки на бискупите, на кои досега им беше оставена релативна слобода да ја утврдат автентичноста на тие визии, од случај до случај.

Само шест случаи на наводни натприродни настани се „официјално решени“ од Ватикан од 1950 година, се наведува во документот.

– Денеска сме уверени дека секогаш мораме да избегнуваме сложени случаи, кои создаваат конфузија меѓу верниците – наведе Фернандес.

Новите правила повикуваат на поголема соработка на различни епархии и Ватикан во врска со овие настани.

Конечните одлуки на епископот ќе бидат предмет на одобрување на Дискатериумот.

Тоа е клучно, бидејќи некои сведоштва или мистериозни појави може да се поврзат со „злосторства, манипулации на луѓе, напади врз единството на Црквата, што би можело да предизвика скандал и да го наруши кредибилитетот на Црквата“, се наведува во упатствата.

Ова ги опфаќа и верниците, кои „водени од некои случувања, сметаат дека тоа е божествена иницијатива, а, всушност, тоа е само плод на фантазијата, на желбата за новитет, митоманија или склоност кон фалсификување“, се додава во документот.