Аеродром ќе стане првата паметна општина во Македонија

75

Општина Аеродром бара стратешки партнер со кој сака да го реализира проектот „Смарт Аеродром“. Проектот претставува сеопфатен напор за беспрекорно интегрирање на напредните технологии во нашата општина, во насока на подобрување на различните аспекти на секојдневното живеење.

-Тошоците за реализација на проектот во целост ќе ги има приватната компанија, а Општина Аеродром освен што нема да има финансиски импликации за истиот, ќе оствари и заштеда на електрична енергија, а со тоа и заштеда на средства – соопштија од локалната самоуправа.

Оттаму додаваат дека придобивките за граѓаните на Аеродром кои ги предвидува проектот се: паметни светилки на територијата на целата општина кои треба да го решат проблемот со осветлувањето и да влијаат на заштедата на електрична енергија, електрични тротинети и велосипеди кои ќе ја зголемат мобилноста на граѓаните, а ќе го намалат загадувањето, дигитални дисплеи преку кои граѓаните ќе се информираат за работата на општината, бесплатни зони за интернет и полначи за електрични автомобили

-Освен тоа, тој ќе влијае и на остварување на стратешките приоритети преку подигнување на безбедноста и сигурноста на граѓаните, придонес за почиста и позелена општина и директното влијание кое „Смарт Аеродром“ ќе го има на квалитетот на живеењето во општината – потенцираат општинските власти.

Проектот „Смарт Аеродром“ претставува реализација на ветување дадено во изборната програма и истиот според општинските власти е значаен исчекор напред за граѓаните и нашата општина, покажувајќи ја решеноста за прифаќање на новите технологии и воведување одржливи практики во насока на подигнување на квалитетот на живеење.

– Со имплементирање на овие иновативни решенија, го отвораме патот за посветла иднина во Аеродром – иднина каде технологијата, одржливоста и поврзувањето се спојуваат во еден проект кој пред се ќе донесе низа бенефити за граѓаните, а потоа ќе донесе технолошки напредна општина со која сите ќе се гордееме. „Смарт Аеродром“ е проект кој е важен технолошки исчекор напред, проект во чии рамки се пресретнуваат технологија и одржливоста, за првпат во Македонија, токму во општината Аеродром – наведуваат општинските власти.

По успешното завршувањето на повикот на воспоставување на јавно – приватно партнерство ќе може и официјално да му се посака добредојде на проектот кој ќе даде една нова енергија на иднината и живеењето во оваа општина.

Имплементацијата на проектот планирано е да започне на почетокот на следната година, а по завршувањето, Општина Аеродром ќе стане првата високотехнолошка и паметна општина.