Ќе увезуваме бугарски крш на нашите улици и повторно загадување на воздухот

144

Екологистите не ја поддржуваат владината одлука да се намалат давачките за регистрација на возила со странски таблички и дека со тоа немало да се влијае на зголемување на аерозагадувањето. Напротив, сметаат еколозите, ќе се стимулира носење на секаков отпад од Европа, иако останува критериумот за увоз на стари возила со еуро 4 стандард.

– Ова е тоа еден чекор напред, три назад. Додека се фалат со субвенции за дел од домаќинствата или посадени дрва, демек работат на случајот – аерозагадување, имаме вакви мерки – стимулирање на носење секаков отпад од Европа во вид на луксузни автомобили. И не е проблемот дека не може обичниот човек да дојде до колку толку автомобил во возна состојба – зошто такви имаме во голем дел на нашиот пазар, не се ни увезуваат зошто заработката е мала – нагласуваат од граѓанската 02 Иницијатива.

Оттаму посочуваат дека ако се погледне во дворовите на автоплацевите, главно тоа се коли од повисока класа, возила што за ЕУ се неприфатливи во однос на загадувањето, а кај нас – статусен симбол, што е важно дали загадува.

– Последната информација од Царинската управа е дека драстично е намален бројот на увезени стари возила, а наметнувањето на критериумот еуро 4 стандард е во насока дека нема простор старите возила на било каков начин да влијаат врз квалитетот на воздухот – објаснија од Владата и ваквата одлука ја правдаат дека е донесена на иницијатива на сопствениците на вакви возила, а во Буџетот како прилив се очекуваат околу 25 милиони евра.

Од 02 Иницијатива сметаат дека за Владата е важно буџетот да се полни и дека  секогаш парите се најприоритетни, но последиците од загадувањето кое го дозволуваме и финансиите за негово санирање се многукратно поголеми.

– И додека Европа оди кон целосна забрана на дизел и бензин возилата, оди кон електрични, возила на водород, ние ќе увезуваме бугарски крш на нашите улици и повторно загадувањето на воздухот ќе падне во сенка на некакво моментално полнење на буџетот. До кога со вакви политики на аминување на возила кои надвор во ЕУ никој не ги сака – прашуваат од 02 Иницијатива и потсетуваат дека Владата важно е обврзана на имплементација на Зелениот договор на ЕУ и на зелен транспорт, но само на хартија, а во пракса – дајте ни ги старите возила кои не се за на улиците на Европа.

Министерот за економија Крешник Бектеши, вели дека се работи за важен закон со кој од една страна ќе се реши проблемот со возилата со странски таблички, а од друга страна ќе има дополнителни приходи во Буџетот. Според него, сопствениците на возила со странски таблички ќе треба да дадат изјава дека возилото е влезено во земјава пред 1 октомври за последен пат за да платат помали давачки за регистрација.

– Многу е важно да се наведе фактот дека остануваат другите критериуми кои произлегуваат од постоечките закони за возила, а кои се однесуваат на заштита на животната средина. Значи сите возила кои се влезени пред 1 октомври, а ги исполнуваат еколошките критериуми предвидени со подзаконските акти, а тоа е да бидат над евро 4 стандард – рече Бектеши.

(С.Бл.)